Цените на нафтата во вторникот скокнаа на највисоко ниво во последните речиси пет месеци, додека трговците со енергија се подготвуваат за можна натамошна ескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран, пишува Си-Ен-Ен.
Цената на нафтата расте додека претседателот Доналд Трамп се подготвува да се сретне со претставници на националната безбедност во Белата куќа.
Две официјални лица изјавија за Си-Ен-Ен дека Трамп станува сè понаклонет да ја користи американската војска за да ги нападне иранските нуклеарни постројки.
Фјучерсите на нафтата во САД пораснаа за 4,3 отсто, а затворија на 74,84 долари за барел, што е највисока цена од 22 јануари.
Суровата нафта „брент“, светскиот репер, во вторникот скокна за повеќе од 4 отсто.
Загриженоста во врска со Ормускиот теснец, најважната точка за транспорт на нафта во светот, дополнително се зголеми, како што пишува, по судирот на два танкери со нафта во Оманскиот залив.
„Судирот и последователниот пожар очигледно предизвикаа загриженост дека ситуацијата може да излезе од контрола на најпрометниот нафтен морски пат во светот“, напиша Роберт Џогер, директор за енергетски фјучерси во Mizuho Securities, во извештајот во вторникот.
Сепак, Џогер истакна дека Ормускиот теснец никогаш не бил затворен, ниту за време на иранско-ирачката војна во 1980-тите.