Ценовниот балон на становите во Македонија и натаму се дува. Последните податоци на Народната банка за движењето на цените на недвижностите покажува дека становите во Скопје се поскапени за 25,1% оваа година споредено со лани, што е најголема стапка на пораст од 2020 година досега. Така, стан кој чинел 100.000 евра, за само 9 месеци станал поскап за 25.000 евра

Универзитетскиот професор, Дејан Трајковски, вели дека становите во Скопје не вредат толку, но, смета дека цените ќе продолжат да растат поради тоа што државата во изминатиов период правела грешки оставајќи им на приватните градежни компании да ги диктираат цените.

Лудувањето на цените на становите не е карактеристика само за Скопје. Становите во Охрид се веќе рамо до рамо со скопските, но интерес има и во другите градови во внатрешноста. На пример, во последниве години во Струмица е забележливо дека расте интересот за купување станови, и тоа претежно во готовина. Само во третиот квартал годинава во Струмица се продадени осумдесетина станови

Ценовниот балон на становите во Македонија и натаму се дува. Последните податоци на Народната банка за движењето на цените на недвижностите покажува дека становите во Скопје се поскапени за 25,1% оваа година споредено со лани, што е најголема стапка на пораст од 2020 година досега.

Најголем пораст има во главниот град. Тоа го потврдува индексот на цените на Народната банка, кој од 100 се искачи на 192,80 и кој покажува дека цените на становите во Скопје се речиси двојно поскапи во последниве 5-6 години. Инаку, овој индекс е изготвен од Народната банка врз основа на податоци за огласени станови за продажба на територијата на градот Скопје. Кривата на графиконот кој го покажува индексот на цената на становите во Скопје покажува дека од крајот на минатата година и заклучно со септември годинава имаме брзо нагорно искачување, што говори дека стан кој чинел 100.000 евра за само 9 месеци станал поскап за 25.000 евра.

Универзитетскиот професор, Дејан Трајковски, вели дека, за жал, цените ќе продолжат да растат и тој смета дека државата во изминатиов период правела грешки оставајќи им на приватните градежни компании да ги диктираат цените.

– Дали цените ќе продолжат да растат? Одговорот, за жал, е секогаш ист: ќе растат сè додека постојат луѓе подготвени да плаќаат вакви неразумни суми, често само поради желбата „по секоја цена“ да се живее во Скопје. Ова е последица на неолибералните политики на сите наши претходни и сегашни влади, според кои државата не треба да се меша во економијата, а иницијативата им е целосно препуштена на приватните градители. Тоа не е ниту фер ниту нормално – вели Трајковски.

Тој посочува на примерот на Сингапур, која е земја со едни од најлибералните економски политики во светот, каде што државата преку својата јавна компанија ХДБ им гради станови на своите граѓани по прифатливи цени.

– И во Македонија постои јавно претпријатие што гради државни станови, но со една клучна разлика: цените се формираат на пазарот, преку наддавање, наместо да бидат засновани врз производните трошоци, со минимална профитна маржа за државата. Дали постои политичка партија што ќе се заложи за ваков модел, или ќе продолжиме да дозволуваме урбаната мафија да дивее и да им ја цица крвта на граѓаните? – прашува професорот.

Трајковски вели дека најразумен совет би бил – не купувајте станови во Скопје, затоа што, едноставно, не вредат толку.

– Работејќи дури и за малку пониска плата во внатрешноста, ќе задржите многу повеќе пари отколку ако работите за банките и во приватните градежни компании кои немаат мера во својата алчност – вели тој.

Но, лудувањето на цените на становите не е карактеристика само за Скопје. Становите во Охрид се веќе рамо до рамо со скопските, но интерес има и во другите градови во внатрешноста. На пример, во последниве години во Струмица е забележливо дека расте интересот за купување станови, и тоа претежно во готовина. Само во третиот квартал годинава во Струмица се продадени осумдесетина станови.

Тамошните агенции за недвижности посочуваат дека најчесто, купувачите ги купуваат недвижностите во кеш, што не е својствено на она што се случува во европските земји, каде вакви трансакции ретко се случуваат затоа што контролата на движењето на парите е строга. Експертите го објаснуваат овој тренд со тоа дека граѓаните штедат и своите пари ги чуваат под перница и не ги депонираат во банките, а од друга страна, институциите треба повеќе да го проверуваат потеклото на кешот.

Од Управата за јавни приходи најавија дека ќе ги заострат контролите за купување со готовина и дека ќе се проверува реалната вредност на становите, а под лупа ќе бидат ставени и приходите на градежните инвеститори што ги пријавиле.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ