Цените на кафето во угостителските објекти бележат пораст во изминатиов период, при што граѓаните издвојуваат од 80 до 150 денари за едно кафе, зависно од видот и од локацијата на локалот. Еспресото и макијатото најчесто се нудат по пониски цени, додека специјалните кафиња, како капучино, лате или ароматизираните варијанти, се поскапи. Со порастот на цената на кафето, се менуваат и навиките на граѓаните. Ако седнувањето на кафе со пријатели беше ритуал што често се практикуваше, сега тој сè поретко се практикува. Цените варираат во зависност од тоа каде го пиете, но, генерално, мислењето на граѓаните е дека кафето станува луксуз. Точно дека има инфлација, но понекогаш угостителите ја користат како изговор за да ги зголемат цените на пијалаците што најчесто се консумираат.
– Цените на кафето во едно кафуле каде што често седнувам со една пријателка, за помалку од една недела се качија за 10 до 20 денари. Кога дојде келнерот да платиме, ние извадивме по 120 денари, колку што чинеше кафето претходно, но тој ни рече дека поскапело кафето и оти сега е по 140 денари – вели една граѓанка.
Угостителите велат дека зголемувањето на цените е резултат на повеќе фактори. Пред сè, зголемена е набавната цена на кафето, а дополнително се зголемени и трошоците за транспорт, електрична енергија и за закуп на деловен простор. Според нив, корекцијата на ценовникот била неизбежна за да се одржи квалитетот на услугата и на понудата.
– Скоро ги зголемивме цените на кафето, бидејќи ни ја зголемија и набавната цена. Едно еспресо чини 90 денари, макијато 110 денари, кафе лате од 150 до 170 денари. Цените на соковите се движат од 100 до 120 денари, на пивата од 140 до 180 денари – велат за весникот ВЕЧЕР од едно скопско кафуле.
Што се случува со цените во кафулињата и во кафеаните? Во едно кафуле покрај кеј, ми наплатија 180 денари за кафе. Треба да ги бојкотираме и да не влегуваме во кафеани. Разбирам да има ќар 10-20 отсто, а ама ова е 200 отсто – коментира една граѓанка на социјалните мрежи.
И во маркетите има поскапување на цената на кафето. Таму често се менуваат цените, па така граѓаните не го забележуваат минималното поскапување од 5 до 10 денари, но кога ќе видат зголемување од 20 до 30 денари – реагираат. Во моментов, пакување турско кафе од 200 грама чини од 150 до 200 денари.
– Речиси при секое влегување во маркет, забележувам поскапување на кафето. Кафето што го купував беше 175 денари за 200 грама, сега тоа е 190 денари. Обично купувам кога е на акција, а гледам и пакувањето да биде поголемо, со оние неколку грама „гратис“ означени на амбалажата – вели една потрошувачка за весникот ВЕЧЕР.
Освен цените на кафето, кои двојно се зголемени во последнава година, се качија и цените на пивото, ракијата, соковите… Цените се движат од 150 денари за мало пиво до 300, на соковите од 100 до 200 денари, а на ракијата од 100 до 150 денари.
И Статистика пресмета дека се зголемиле цените на угостителските услуги за една година, за 3,4 отсто, додека, пак, последниве две години се зголемиле за речиси 10 отсто.
Економските аналитичари посочуваат дека глобалните климатски промени, намаленото производство во некои од најголемите земји извознички и нестабилноста на светските пазари имаат директно влијание врз цената на кафето. Тие предупредуваат дека би можел да продолжи ценовниот притисок и во наредниот период.
И покрај зголемените цени, кафето останува дел од секојдневната култура и навика. Кафулињата и понатаму се полни, а за многумина утринското или попладневното кафе претставува неизоставен дел од денот – момент за одмор, разговор и за социјализација.
(А. С.)












