Глобалниот пазар на чоколадо забележа драматично зголемување на цените во текот на изминатата година, а главна причина се слабите жетви на какао во Гана и Брегот на Слоновата Коска, најголемите светски производители на оваа стока, објавува „Еуроњуз“.
Податоците на „Евростат“ покажуваат дека потрошувачите низ Европската Унија го почувствувале влијанието.
Во мај, цените на чоколадото се зголемија во просек за 21,1 процент во споредба со истиот период минатата година, при што некои земји забележаа значително поголемо зголемување. Најголемо зголемување на цените е забележано во Полска (+39,1 процент), Естонија (+37,9 проценти), Литванија (+36,5 проценти) и Латвија (+33,2 проценти). Во Шведска и Финска, зголемувањето изнесуваше 28 проценти и 26 проценти, соодветно.
Хрватска и Словенија забележаа ист раст од 25,3 проценти, додека најмало зголемување на цените е забележано во Луксембург (+5,2 проценти), Кипар (+9 проценти), Италија (+12 проценти), Малта (+12,2 проценти) и Австрија (+13,4 проценти).
Цената на какаото, која претходно се движеше помеѓу 2.000 и 3.000 евра за тон, достигна рекордни нивоа од дури 13.000 евра, а аналитичарите проценуваат дека би можела да се стабилизира на околу 9.000 евра за тон до крајот на годината.
Меѓународната организација за какао проценува дека глобалното производство во сезоната 2023/24 се намали за околу 10 проценти во споредба со претходната година. Ова го остави пазарот со дефицит од 478.000 метрички тони, што е најголем дефицит во последните шест децении. Главните причини се лошото време, климатските промени и болестите што влијаат на жетвата.
Растечките цени вршат притисок врз производителите на чоколадо во Европа и низ целиот свет, кои се соочуваат со сè поголеми предизвици во одржувањето на профитабилноста.