Европската Унија планира да воведе царини за авионите на американската компанија „Боинг“, додека ЕУ се подготвува за нови одмазднички мерки во случај на неуспех на трговските преговори со Вашингтон.
Европската комисија, која управува со трговската политика на ЕУ, има намера да вклучи цивилни авиони на листата со американски увозни производи во вредност од околу 100 милијарди долари годишно, кои би биле предмет на царини.
Овие мерки, кои членките на ЕУ мора да ги одобрат со квалификувано мнозинство, би стапиле во сила само ако нема задоволителен напредок во преговорите со САД за намалување на американските царини за европски стоки.
Шефот на европската трговија, Марош Шефчовиќ, објави дека ЕУ не е под притисок да прифати нефер трговски договор со САД.
Европската Унија моментално се соочува со американски царини од 25 проценти за извоз на челик, алуминиум и на автомобили, како и со реципрочни царини од 10 проценти за речиси сите други стоки, вклучувајќи ги и авионите, кои би можеле да се зголемат на 20 проценти откако ќе истече тримесечниот мораториум воведен од американскиот претседател, Доналд Трамп, на 8 јули.
Европските авиокомпании имаат нарачано стотици авиони од „Боинг“, потпирајќи се на растечкиот воздухопловен пазар, но потенцијалните царини би можеле значително да ја зголемат цената на тие авиони. Извори од индустријата велат дека ЕУ сака да го балансира третманот помеѓу „Боинг“ и европскиот производител „Ербас“ преку одмазднички мерки, поради американските царини.
За разлика од претходниот трговски конфликт во 2020 и во 2021 година, европските и американските авиокомпании сега се обединети во повикот за укинување на сите тарифи.