По пандемијата, се појави феноменот „трошење од одмазда“, кога луѓето масовно трошеа пари на патувања, ресторани и шопинг за да ги надоместат загубените месеци од карантинот, пишува „Телеграф бизнис“. Денес, ситуацијата е сосема поинаква: поради инфлацијата, високите каматни стапки и неизвесната економска клима, сè попопуларно е спротивното однесување – намалување на трошоците од инает. Експертите велат дека тоа е форма на самоодбрана: граѓаните сакаат да ја вратат контролата врз сопствените пари и да им покажат на трговците дека не можат да ги зголемуваат цените на неодредено време
Во време кога цените на храната, комуналните услуги и на горивата постојано растат, сè повеќе луѓе се одлучуваат за нов вид бунт, односно за „штедење од одмазда“. Наместо да ги бојкотираат продавниците или да протестираат, потрошувачите едноставно ги менуваат своите навики: трошат помалку, штедат повеќе и со тоа испраќаат директна порака дека се презаситени од бесконечното зголемување на цените.
По пандемијата, се појави феноменот „трошење од одмазда“, кога луѓето масовно трошеа пари на патувања, ресторани и шопинг за да ги надоместат загубените месеци од карантинот, пишува „Телеграф бизнис“. Денес, ситуацијата е сосема поинаква: поради инфлацијата, високите каматни стапки и неизвесната економска клима, сè попопуларно е спротивното однесување – намалување на трошоците од инает. Експертите велат дека тоа е форма на самоодбрана: граѓаните сакаат да ја вратат контролата врз сопствените пари и да им покажат на трговците дека не можат да ги зголемуваат цените на неодредено време, наведува „Јаху“.
Што е штедење од одмазда? Тоа нема строго правило, туку се спроведува на различни начини. Најчесто вклучува откажување од помал луксуз како што се дополнителна претплата, кафе за носење или нарачување храна. Луѓето сè повеќе се вртат кон планираното купување и готвењето дома и кон таканаречените предизвици без трошење, поминувајќи еден ден или цела недела во купување само на основното што им е потребно.
Некои, од друга страна, штом ќе ја добијат платата, прво издвојуваат дел од парите на штедна сметка, а дури потоа плаќаат за комуналии и други обврски, за да бидат сигурни дека нема да исчезнат нивните пари до крајот на месецот. „Предизвикот од еден цент“ е особено интересен – почнувате со минимален износ што се зголемува за еден цент секој ден, а до крајот на годината може да заштедите изненадувачки голема сума. На социјалните мрежи има сè повеќе групи и форуми каде што луѓето го споделуваат своето искуство, како што е форумот „Ноу бај“ (No Buy) на „Редит“, каде што корисниците објавуваат колку успеале да заштедат благодарение на строгата дисциплина.
Причините зошто се свртеа луѓето кон штедењето се јасни: трошоците за живот никогаш не биле повисоки. Инфлацијата во еврозоната сè уште се движи над целната стапка од 2 %, а во некои сегменти, како што е храната, цените растат двојно побрзо. Граѓаните, исто така, чувствуваат и притисок поради високите каматни стапки на кредитите и неизвесноста околу новите даноци. Во таква атмосфера, многумина веруваат дека штедењето е најдобрата форма на заштита.
Трендот прво се појави во Кина, потоа брзо се прошири во САД и во Велика Британија, а сега сè повеќе влегува во домовите во земјите на Балканот.
Експертите советуваат парите заштедени со „методите на одмазда“ да не се оставаат на тековната сметка каде што нема принос, туку да се префрлат во штедење со камата или средства што ја следат инфлацијата. Во моментов, најдобрите штедни сметки во ЕУ нудат каматни стапки од околу 4 %, а се препорачува стремење кон принос барем над стапката на инфлација, во спротивно, реалната вредност на парите продолжува да паѓа.