Цените на златото утрово се искачија на повеќе од 5.000 долари за унца, што достигна нов рекорд, објавува Би-Би-Си. Со тоа цената на златото го продолжи својот историски раст, во кој вредноста на тој благороден метал се зголеми за повеќе од 60 проценти во 2025 година.
Порастот на цената на златото доаѓа во време кога тензиите меѓу САД и НАТО околу Гренланд придонесоа за зголемена загриженост поради финансиската и геополитичката неизвесност.
Златото и другите благородни метали се сметаат за таканаречени безбедни средства, кои инвеститорите ги купуваат во време на неизвесност.
Една од најголемите предности на златото е тоа што е релативно ретко. Според податоците на Светскиот совет за злато, досега се ископани околу 216.265 тони од овој метал, при што поголемиот дел од златото е ископано дури по 1950 година, со развојот на рударската технологија и откривањето на нови наоѓалишта.
Американскиот геолошки завод проценува дека од подземните резерви можат да се ископаат уште 64.000 тони злато, иако се очекува понудата на овој метал да се стабилизира во наредните години.
Во петокот, среброто за прв пат ја надмина цената од 100 долари за унца, што е 28,3 грама, што го продолжи својот раст од речиси 150 проценти во текот на минатата година.












