Цената на биткоинот надмина 103 илјади долари

29

Цената на биткоинот скокна над 100.000 долари за прв пат од февруари откако беше објавен трговскиот договор меѓу САД и Велика Британија во кој има одредби за соработка во доменот на дигиталните средства и како резултат на одлуката за создавање резерви на биткоин во некои американски држави.

Според податоците од CoinMarketCap, цената на биткоинот моментално е 103.032 долари. Цената на оваа криптовалута  се зголеми за повеќе од 6 отсто во последните седум дена, што повеќето аналитичари го поврзуваат со напредокот на трговските преговори на САД со други земји.

Биткоинот не се тргувал над 100.000 долари од 7 февруари. Вредноста на најголемата криптовалута во светот се зголеми за повеќе од 9 отсто оваа година, но, сепак, е под рекордно високиот износ од 109.026 долари достигнат на 19 јануари.

Според аналитичарите, главна причина за овој скок е одлуката на САД да ги воведат таканаречените стратешки резерви на биткоин. Покрај тоа, големите инвестициски фондови и банки низ светот ги зголемуваат своите удели во биткоинот, бидејќи сè повеќе го гледаат како дигитално злато.

Во последните недели, инвестирани се милијарди долари преку специјализирани финансиски производи (т.н. ETF), кои ја следат цената на биткоинот, дополнително зголемувајќи ја неговата вредност.

ИЗДВОЕНИ