Цената на бакарот продолжува да расте. Откако минатата недела беше достигнат рекорд од 11.100 долари за тон на лондонската берза, првиот човек на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, предупреди дека вредноста може да го надмине прагот од 12.000 долари до крајот на годината.
Пазарот на минерални суровини е во турбулентен период — новите трговски мерки меѓу Вашингтон и Пекинг дополнително го поттикнуваат порастот на цените, додека ЕУ спроведува стратегии за обезбедување на критични суровини. Македонија, иако богата со бакар, засега нема конкретна иницијатива за искористување на овој потенцијал.
Прогнозите покажуваат дека побарувачката за бакарот ќе порасне за 24% до 2035 година. Една од причините е сè помалиот ископ на бакар од рудниците на глобално ниво. Понатаму, се наведува зголемената употреба на бакарот во Азија, особено во Индија, за изградбата на центри за податоци поврзани со информатичката технологија. Дополнително, огромно количество бакар откупува и Кина, која ја модернизира својата електропреносна мрежа.
Уште една причина за порастот на цената на овој метал е зголемената побарувачка од страна на Европската Унија. Брисел цели да ја оствари зелената транзиција, за што е неопходен бакарот, но исто така има зголемена побарувачка и поради војната во Украина. Поради чекорите на Русија, ЕУ одлучи да ја поддржи домашната воена индустрија и според предвидувањата, тоа е дополнителна побарувачка од 30 до 40 илјади тони бакар годишно во наредната деценија.
Ваквиот развој на настаните веќе предизвика САД и ЕУ да го поддржат ископот и да ги олеснат процедурите во рударството за критичните метали како што е бакарот. Дозволите за експлоатација веќе започнаа да се издавааат во рамки на неколку месеци, а „Фајненшел тајмс“ пишува дека дури четири големи рудници за бакар во Аризона и Мајами се на пат да се рестартираат.