„Инженери на Македонија“ упатија барање до Владата и до ресорните министерства да добијат пристап до информациите од јавен интерес во врска со најавениот почеток на изградбата на ветерниот парк на странскиот инвестициски фонд „Алказар енерџи“.

– Се работи за отстапување на многу важни природни ресурси, поради што граѓаните ќе претрпат големи загуби и за што сметаме дека не се почитувани многу законски процедури – велат оттаму.

Бараат да им биде доставена (или објавена на веб-страниците на надлежните институции) целосната документација поврзана со најавената инвестиција на инвестицискиот фонд „Алказар енерџи“ за изградба на ветропарк во околината на Штип, вклучително и одлуките, записниците и актите на Владата и на надлежните министерства во врска со проектот, потоа јавниот повик, договорите, меморандумите или другите форми на спогодби склучени со инвеститорот, студијата за оцена на влијанието врз животната средина, урбанистичката документација за предвидената локација (детален урбанистички план, урбанистички проект и слично), издадените одобренија за градба и лиценци…

– Имајќи предвид дека станува збор за објект од стратешко значење за државата, со влијание врз природните ресурси, животната средина и цената на енергијата за граѓаните, сметаме дека објавувањето на целата документација е од јавен интерес кога се однесува информацијата на заштитата на животната средина, природните ресурси и здравјето на населението – велат од „Инженери на Македонија“ и очекуваат одговор во следните 20 дена.

ИЗДВОЕНИ