Цели семејства загинаа во пожарот во новиот трговски центар во градот Кут во Ирак

1288

Ирак прогласи тридневна жалост. Новоотворениот трговски центар „Хипер мол“ во градот Кут, на околу 160 километри од престолнината Багдад, стана гробница за најмалку 60 лица, меѓу нив и деца, кога во средата вечерта избувна голем пожар. Причината за пожарот не е официјално објавена, а гувернерот на покраината Васит, во која се наоѓа градот  Кут, Мохамед ал‑Мијахи, изјави дека прелиминарните резултати од истрагата ќе бидат објавени во рок од 48 часа. Очевидци, пак, велат дека огнот се појавил по експлозија на клима-уред.

– Нè снајде катастрофа. Отидовме во трговскиот центар за да јадеме, да вечераме и да избегаме од прекините на струјата дома. Клима-уред експлодираше на вториот кат, а потоа избувна пожарот и не можевме да избегаме, изјави за АФП Насир ал-Кураиши, доктор на 50-годишна возраст, кој во пожарот изгубил пет члена од семејство.

Уште едно лице за АФП изјавило дека во пожарот изгубило петмина роднини. Али Кадим, 51, низ главната болница и во трговскиот центар каде што пребарувале спасувачите, го барал својот братучед, кој е исчезнат заедно со неговата сопруга и трите деца. Вели дека не знае што се случило со нив.

Моатаз Карим, 45, ги идентификувал телата на двајца негови роднини, од кои едниот почнал да работи во трговскиот центар пред три дена.

– Нема систем за гаснење пожар, изјави тој за АФП, додека пред одделот за судска медицина чекал вести за трет исчезнат роднина.

Снимките на социјалните мрежи покажуваат пламени јазици кои опфатиле неколку ката од петкатниот објектот кој бил отворен пред само пет дена. Во текот на вчерашниот ден официјално е соопштено дека загинале 61 лице, од кои дел се извадени јагленосани од трговскиот.

– Трагичниот пожар одзеде животи на 61 невин граѓанин, од кои повеќето се задушија во тоалетите, а меѓу нив има и 14 јагленисани тела кои сè уште не се идентификувани, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи издадено изутрината, за подоцна да се објави дека не е идентификуван само уште еден починат.

-Идентификувавме 60 тела, а едно тело има толку многу изгореници што не е можно да се идентификува. Сè уште има многу тела под урнатините, изјави градскиот службеник Али ал-Мајахи за Ројтерс.

Регионалниот гувернер на КУТ за државната агенција ИНА изјави дека има и повредени, а според властите како исчезнати се воделе 11 лица. Спасени се најмалку 45 лица кои во кобниот момент се нашле во зградата.

Ирачкиот премиер Мохамед Шиа ал-Судани изрази сочувство до семејствата и  побара од Министерството за внатрешни работи да почне итна истрага за причините за пожарот, како и да ги идентификува недостатоците и „да ги преземе сите потребни строги мерки за да се спречи повторување на вакви инциденти“.

Безбедносните стандарди честопати малку се почитуваат на ирачките градилишта, каде со децении има лошо управување и владее корупција. Во 2023 година пожар се случи во објект каде се одржуваше христијанска свадбена забава во северен Ирак, при што загинаа повеќе од 100 луѓе. Во 2021 година повеќе од 90 луѓе загинаа во пожар во болничко одделение за изолација на болните од ковид во градот Насирија.

ИЗДВОЕНИ