Пензионираниот британски државен службеник Дерек Ричи (63) се соочува со принудно враќање на 28.640 евра преплатени пензиски бенефиции, кои ги добивал во претходните 11 години врз основа на неточна пресметка од 2014 година, објавија надлежните органи на Британија.
Во писмо испратено до Ричи во март, властите се извинија „за евентуалните непријатности“ и го информираа дека може да ги врати парите преку банкарски трансфер или на рати, пишува денес „Гардијан“.
Ричи веднаш побарал објаснување, кое, како што вели, не го добил.
Три месеци подоцна, на Ричи му се заканиле со судска постапка ако не почне да враќа.
„Во последните 11 години донесував одлуки и планови врз основа на бројките што ми беа дадени, а грешката ќе ми предизвика значителни тешкотии“, рече Ричи, на кого му биле препишани лекови за депресија и анксиозност по грешката, пренсе „Танјуг“.
Тој планирал целосно да се пензионира во 2027 година, но рекол дека ќе мора да се врати на работа за да го отплати долгот.
Ричи е еден од стотиците пензионери погодени од административни грешки во рамките на шемата што ја води MyCSP, која во 2019 година призна дека се обидела да врати неколку милиони евра од повеќе од 2.000 пензионери.
Грешките биле откриени за време на ревизија, но преплаќањата на Ричи првично не биле откриени, туку постепено се зголемиле од околу 230 евра годишно на 4.500 евра.
Во октомври, парламентарна комисија го критикуваше управувањето со пензиските шеми и препорача системот да се врати под директна контрола на државната служба.
Во моментов, шемата премина во рацете на компанијата „Капита“, која ветува дека ќе ги модернизира и подобри услугите за пензионерите.












