Околу 75 милиони евра нашата земја досега има добиено од Европската Унија за решавање на проблемот со ѓубрето, но реализацијата е бавна. Над 50 милиони евра се грантови се распределени низ различните инструменти на ЕУ како поддршка на локалните и националните структури за управување со отпад, а уште 25 милиони се дадени за инфраструктурни проекти.

Претседателот на Меѓународната организација за управување со отпад, Џејмс Лоу, рече дека време е во Македонија да се елиминираат отворените, диви депонии и да се адаптираат во стандардни кои се добри за животната средина и луѓето, иако тие не се единственото решение. – Ако не се управува соодветно со отпадот, тоа може да предизвика сериозни проблеми за здравјето на луѓето и животната средина, може да дојде до загадување на реките, почвата, воздухот, а и да бидат предизвикани климатски промени поради емисија на стакленички гасови, рече Лоу

Околу 75 милиони евра нашата земја досега има добиено од Европската унија за решавање на проблемот со ѓубрето, но реализацијата е бавна. Над 50 милиони евра се грантови се распределни низ различните инструменти на ЕУ како поддршка на локалните и националните структури за управување со отпад, а уште 25 милиони се дадени за инфраструктурни проекти.

На ова не потсети шефот за соработка во делегацијата на Европската унија во Скопје, Стефан Худолин, за време на меѓународната конференција „Патот до одржливо управување со отпад“, што се одржа во Скопје. Тој смета дека недостасува цврсто лидерство од надлежните и вистинска посветеност за да се реши овој горлив проблем кој очигледно станува се поголем, наместо да се намалува.

Тој ја повика деловната заедница и останатите партнери да се приклучат кон моделот на циркуларната економија и да ја подобрат состојбата.

– Очекуваме политиките и законодавството да бидат усвоени што е можно поскоро за да се обезбеди добра реализација и нивно соодветно спроведување во пракса.  Структурите за регионално управување со отпад треба да бидат приоритет, а оние што веќе постојат се уште се соочуваат со големи административни финансиски ограничувања. Многу важно е да се обезбеди брз почеток на инвестициските проекти, кампањите за подигање на јавната свест се повеќе од потребни и не треба да бидат краткорочни – истакна Худолин.

Според него, лидерството е од клучна важност за оваа политика да се претвори во ефективни практики кои ќе ги исполнат сите цели и ќе обезбеди иновации и економска отпорност, наведувајќи дека во сите сегменти е потребна меѓуинституционалната соработка.

Претседателот на Меѓународната организација за управување со отпад, Џејмс Лоу, рече дека време е во Македонија да се елиминираат отворените, диви депонии и да се адаптираат во стандардни кои се добри за животната средина и луѓето, иако тие не се единственото решение.

Според него, отпадот е многу значаен, вреден економски ресурс со огромен потенцијал и воведувањето иновативни решенија во овој сегмент може да значи заштита на животната средина, подобрување на јавното здравје и создавање нови економски можности.

– Ако не се управува соодветно со отпадот, тоа може да предизвика сериозни проблеми за здравјето на луѓето и животната средина, може да дојде до загадување на реките, почвата, воздухот, а и да бидат предизвикани климатски промени поради емисија на стакленички гасови. Отпадот не е само проблем, туку и можност ако гледаме на него како на ресурс. Доколку го трансформираме нашиот пристап ќе успееме да пронајдеме бројни бенефиции, а тоа е поврзано со циркуларната економија каде количествата отпад се минимални, голем дел од нив се рециклираат и користат одново. Инвестициите во оваа сфера ќе овозможат отпадот да се претвори во енергија со што ќе се намали неговиот волумен, а ќе се обезбеди одржлив извор на енергија за заедниците – рече Лоу.

Според него, рециклажата е начин за намалување на отпадот во депониите, но потребно е подигнување на свеста и образование и едукација на јавноста, како и  поцврсти регулативи. Лоу смета дека потребни се и казни за незаконско фрлање отпад и поддршка за иновативни технологии за негова обработка.

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити напомена дека Владата останува цврсто посветена на воспоставување одржлив регионален систем за управување со отпад, развој на циркуларна економија преку селекција, рециклирање и повторно искористување на секундарните суровини.

– Целта е значително да се намали количеството отпад што завршува на депониите, а вредните материјали да се вратат во производството, напомена министерот.

Според него, одржливото управување со отпадот и циркуларната економија се сериозен предизвик во време на интензивни климатски промени.

– Одлуките што денес ги носиме ќе го обликуваат животот на генерациите што доаѓаат. Отпадот веќе не го гледаме како товар, туку како ресурс со економски потенцијал. Со правилно управување можеме да создадеме вредност, работни места и чиста животна средина – подвлече Меџити.

Тој најави дека наскоро ќе почне изградбата на првата стандардизирана регионална депонија во земјата, процес во кој, рече, клучна ќе биде меѓуопштинската соработка. Истовремено, додаде, се работи и на расчистување на дивите депонии, а целта е „Македонија без ѓубришта”.

ИЗДВОЕНИ