Цел град во северна Шведска се преместува поради проширување на рудник

25
EPA/HANNA FRANZEN SWEDEN OUT

Градот Кируна, на крајниот север од Шведска, околу 145 километри северно од Арктичкиот круг, постепено се сели, односно се преместува, поради слегнување предизвикано од проширувањето на подземен рудник за железо.

Илјадници жители и згради ќе бидат преселени како дел од проект кој се смета за една од најрадикалните урбани трансформации во светот, објави денес CNBC.

Причината е слегнување предизвикано од проширувањето на голем подземен рудник, поради што се гради нов град на околу три километри источно од старото јадро.

Процесот на преместување започна пред повеќе од две децении, а се очекува да биде завршен до 2035 година.

Кируна е основана пред 125 години како рударски град за шведската државна компанија LKAB и денес е дом на најголемиот подземен рудник за железо во светот, но и значаен европски центар за вселенски истражувања.

LKAB, додава CNBC, произведува околу 80 проценти од вкупната количина на железо ископано во Европската Унија.

„Секој жител на Кируна знае дека порано или подоцна ќе мора да се исели, бидејќи зависиме од рударската индустрија“, рече претседателот на градскиот совет, Матс Тавеник.

Покрај железото, LKAB неодамна откри едно од најголемите познати наоѓалишта на ретки земни елементи во Европа, дополнително зајакнувајќи ја неговата важност во обезбедувањето на суровините потребни за зелената транзиција.

Реселбата на градот доаѓа со голем број политички, економски и еколошки предизвици.

Изразена е загриженост за влијанието на рударските активности врз одржливоста на заедницата, особено кога станува збор за традиционалното одгледување ирваси и културата на домородниот народ Сами.

Локалната самоуправа и LKAB побараа поголема финансиска поддршка од државата, како и пренос на дополнително земјиште.

LKAB објави дека проширувањето на рудникот ќе бара преселба на дополнителни 6.000 луѓе и 2.700 домаќинства.

Компанијата проценува дека трошоците за надомест во текот на следните десет години ќе изнесуваат околу 22,5 милијарди шведски круни (околу две милијарди евра).

Според LKAB, на жителите им се нуди зголемување на пазарната вредност на нивните имоти за 25 проценти или изградба на нов дом, а околу 90 проценти од нив се одлучиле за нова куќа.

Дополнителни загрижености се дека новиот дел од градот би можел да биде постуден до 10 степени Целзиусови во зима.

Студијата на Универзитетот во Гетеборг сугерира дека новиот центар на градот е планиран во област каде што е заробен студениот воздух, што би можело дополнително да го зголеми чувството на студ за време на долгите арктички зими.

ИЗДВОЕНИ