„Царски рез на небото“ е насловот на најновата поетска книга на Даниела Андоновска-Трајковска, во идание на „Матица македонска“. Ова дело содржи 168 песни организирани во 8 поетски циклуси.
„’Царски рез на небото’ содржи повеќеслојна, егзистенцијалистичка, рефлексивна, магично-реалистична, медитативна и општествено ангажирана лирска поезија. Песните се доживуваат како философски слики во кои времето е забавено за да се доживее мигот на постоењето. Андоновска-Трајковска, како и во сите нејзини претходно објавени книги, и овде експериментира со стилот создавајќи богати поетски слики со шокирачки метафори преку кои се персонифицираат апстрактни нешта. Лирското Јас често е флуидно, а мотивите произлегуваат од секојдневјето, актуализирајќи прашања околу животот и смртта, несреќите, војните, дехуманизацијата на општеството, но и прашања кои се однесуваат на смислата на постоењето“, велат од „Матица македонска“.
Според авторката, пак, живееме во време на изгубени човечки и духовни вредности, време на војни и глад, социјална неправда, економска експлоатација и вештачка интелигенција како нова и опасна зависност, ако не се користи свесно и оправдано.
„Луѓето не се отуѓуваат само едни од други, туку и од себеси, а тоа е најстрашниот вид алиенација која го уништува човечкото во човекот. Човекот заборава кој е и зошто е и кон што треба да се стреми бидејќи е заслепен или од консумеризмот и новиот хедонизам или не ги ужива основните човекови права како правото на достоен живот и правото на слобода. Поезијата во ‘Царски рез на небото’ ги согледува и целосно ги разголува тие состојби за да ја подигне свеста кај човекот и да го разбуди за да се врати на духовното и естетското, но и вдахнува надеж дека, сепак, сѐ ќе биде како што треба сѐ додека сѐ уште имаме капацитет да ја почувствуваме силата на љубовта од која сѐ е создадено. Книгата содржи носечки песни, но и зарези и резови како обид да се забави мигот или да се интервенира врз него од различна перспектива за да се постигне освестувањето. Така, на крај, ако се чита одеднаш сета поезија сместена овде, се добива и впечаток дека станува збор за поетско сецирање и продолжување на мигот за да се раскаже приказната на човекот“, вели за весникот ВЕЧЕР авторката.
Инаку, Андоновска-Трајковска е наградувана поетеса, писател, доктор на науки, книжевна критичарка, уредничка и универзитетска професорка. Авторка е на 18 книги на македонски јазик и 8 поетски книги на англиски, арапски, полски и романски јазик. Нејзината поезија е преведена на 40 јазици. (Д.Т.)