Царинските услуги ќе се модернизираат со 4,75 милиони евра од Република Кореја

15

Царинската управа се етаблира како лидер на Балканот со напреден систем за анализа на ризикот и со податочен склад спроведен со грант од Република Кореја во висина од 4,75 милиони долари, кој ќе претставува цврста основа за патот на државата кон членство во Европската Унија. Системот овозможува унапредување на контролата на целокупните увоз, извоз и транзит, како клучно во спречувањето на сивата економија, разобличувањето на криминалот, заштитата на финансиските интереси, полнењето на буџетот, како и во олеснувањето и забрзувањето на легалната трговија.

Воедно, во случај цените на стоките да се пониски од берзанските, царинските службеници ќе добијат аларм за можна царинска измама. Ќе се овозможи и подобра детекција на профилите со висок ризик во воздушниот сообраќај. Ова беа клучните пораки на церемонијален настан на кој директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, заедно со генералниот директор на корејската Царинска служба, Ли Мјонг Ку, го промовираше системот.

– Овој систем ни е од исклучителна важност, бидејќи со него се овозможува унапредување на анализата на ризикот и подобри селекција и концентрираност на контролите на високоризичните пратки, со што се овозможува олеснување и забрзување на легалната трговија. Сите податоци за целите увоз, извоз, транзит, податоците за акцизна стока, целокупната евиденција на заплените, прекршочните и кривичните пријави се интегрирани во системот, каде што се анализираат со поддршка на напредната вештачка интелигенција. Воедно, тој обезбедува податоци за пратки чии вредности се различни од берзанските цени, но и чии вредности се под просечните, согласно со анализата на вредноста на целокупниот увоз. Со тоа ги алармира царинските службеници за проверка на контејнерите со вакви пратки, сè со цел да се спречат можни обиди за царинска измама – истакна директорот Николовски.

Директорот на корејската Царина, Ли, вели дека најважно е дека, уверен е во тоа, системот ќе претставува цврста основа на патот на државата кон членство во Европската Унија. Тоа не само што ќе придонесе државата да ја зацврсти својата позиција како лидер на Балканот со напреден царинско-административен систем туку и ќе биде инспиративен пример за силна царинска соработка и пријателство.

 

 

ИЗДВОЕНИ