Царинскиот детектор „намирисал“ луксузна долна облека

779
Фото: Царинска управа

Плодна заплена на нелегална стока имала Царината деновиве, од долна облека од познати модни куќи до Египќани. Иако шверцерите вешто ја скриле стоката, сепак контролата во откриените случаи била ефикасна.

На граничниот премин Богородица со Грција, во камион што превезувал палети, биле откриени илегални мигранти од Египет. На аеродромот во Скопје, бил спречен обид за шверц на 400 парчиња женска долна и ноќна облека од модните куќи „Викторија сикрет“ и „Гучи“. Патникот се обидел да влезе во државата без да ги пријави производите кај царинскиот орган, при што се определил за т.н. зелен канал, наменет за патниците што немаат стока за пријавување. Поради сомневање, бил селектиран за детална контрола, при што во личниот багаж и во ранецот што ги носел, била пронајдена непријавената облека од познати марки.

Кај Македонец што требало да патува за Лондон, биле пронајдени и запленети три илјади парчиња цигари и еден килограм тутун. Случајот бил откриен по извршена рендгенска и детална контрола на багажот. Во друг случај, на граничниот премин Богородица, во кабината на камион со цистерна, под тапацирот на една од фиоките, царинските службеници откриле 11 штеки цигари.

На граничниот премиен Табановце, во два случаја, цариниците спречиле обиди за илегално внесување девизи во вкупен износ од 21 илјада евра.

– Во првиот случај, при контрола на автобус, во личната торбичка на еден од патниците беа пронајдени 19.600 евра. Согласно со законските прописи, на патникот му беа вратени 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, додека 9.600 евра беа привремено задржани. Во вториот случај, во возило со кое патуваа двајца патници беа пронајдени вкупно 31.400 евра, при што, согласно со закон, на двајцата патници им беа вратени по 10 илјади евра, додека другите 11.400 евра беа привремено задржани – соопштија од Царината.

Музички инструменти, аудиоопрема и друга електроника биле запленети во три случаи на влез во државава, на граничните премини Табановце и Меѓународен аеродром. Запленетата стока е со проценета вредност од 736 илјади денари, во синтисајзери, кларинет и саксофон, JBL-звучници, EUROPOWER-засилувач, диџеј-миксета PIONEER, електрични тапани и аудиоопрема „роланд“. Бил спречен обид за шверцување 14 семки од канабис и 0,5 грама масло од канабис, кои американски државјанин се обидел да ги внесе во државава, преку аеродромот во Скопје. При извршениот претрес, во личниот багаж била пронајдена бела кесичка со епрувета во која имало седум семки од канабис. Дополнително, во џебот на дуксерот што го носел со себе, била пронајдена уште една епрувета со седум семки од канабис, а во чорапот на десната нога – епрувета со жолтеникава течност, со интензивен мирис на канабис.

 

ИЗДВОЕНИ