Министерството за трговија на САД во вторник објави дека ги зголемува царините за челик и алуминиум за повеќе од 400 производи, вклучувајќи ветерници, домашни апарати, тешка машинерија, железнички вагони, мотоцикли, морски мотори, мебел и стотици други производи.
Министерството објави дека 407 категории на производи се додаваат на списокот на „деривати“ на производи од челик и алуминиум опфатени со секторски тарифи, при што се применува тарифа од 50 проценти за содржината на челик и алуминиум во овие производи, а државна стапка се применува за преостанатата содржина.
Според финансиската компанија „Еверкор ИСИ“, мерката опфаќа увоз вреден над 200 милијарди долари минатата година и ќе ја зголеми ефективната царинска стапка за околу еден процентен поен.
На новата листа се наоѓаат и автомобилски издувни системи, електричен челик за производство на електрични возила, делови за автобуси и клима-уреди, како и апарати како фрижидери, замрзнувачи и сушари.
Група странски производители на автомобили предупредија дека САД немаат доволни домашни капацитети за да ја задоволат побарувачката.
Компанијата „Тесла“ неуспешно бараше исклучување на челичните производи што се користат во електромоторите и ветерниците, наведувајќи дека во земјата нема производствени можности за тој вид челик.
Новите тарифи стапуваат во сила веднаш и опфаќаат и компресори, пумпи, како и метал во амбалажа за козметика и производи за лична хигиена.
– Оваа акција го проширува опсегот на царините и ја поддржува ревитализацијата на американската челична и алуминиумска индустрија, изјави заменик-секретарот за трговија Џефри Кеслер.
Производителите на челик претходно доставија петиција до администрацијата со барање да се прошират царините и на дополнителни автомобилски делови.