Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, обелодени дека се откриени организирани групи што помагале со фалсификувани документи да се увезуваат половни возила и да се царинат тие со пониски стапки, а сето тоа на штета на буџетот на државата. По откривањето на криминалните групи во кои биле вклучени цариници, шпедитери, полицајци и нотари, Царината успеала да ги наплати затаените давачки, а против инволвираните лица се поднесени кривични пријави.
Николовски посочи дека работат на повеќе фронтови за целосно спречување на долгогодишните криминал и измами со увозот на храна. Тој рече дека во пет случаи, при контроли на увоз на месо, е остварена дополнителна наплата од 178.900 евра. – Станува збор за случаи во кои увозници го тарифирале месото со пониски царински стапки за да избегнат плаќање давачки – информира Николовски
Увозник на половни автомобили, во периодот од 2022 година до јули 2024 година, со помош на царински застапник увезол во земјава 34 возила и со приложување лажни податоци успеал да не плати увозни царински давачки од 1,6 милиони денари (26.000 евра). Вкупната вредност на возилата изнесува 145.251 евро, а при царинењето увозникот, со амин од царинскиот застапник, ги декларирал возилата како моторни возила за превоз на стоки за да го избегне плаќањето данок како за автомобил. Но, случајот бил откриен од Секторот за контрола и истраги при Царинската управа и затаените давачки од 20 илјади евра се наплатени, за давачките за овој случај дополнително се наплатени 1,6 милиони денари, а за царинската измама е поднесена кривична пријава против две правни и две физички лица до скопското Јавно обвинителство.
Ова е само една од неколкуте измами за плаќање помали давачки кон државата, при увоз на стари автомобили, а во кои биле инволвирани царински службеници, полицајци, шпедитерски куќи и нотари, а за кои вчера обелодени директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
Само годинава, заклучно со мај, Царината имала поднесено 85 кривични пријави за вакви и слични измами, што е речиси исто со вкупниот број пријавени од 2020 до 2022 година. Тој истакна дека засилените контроли даваат резултат и во откривањето на измамите и во заплените на шверцувана стока.
– Се дејствува на повеќе фронтови за целосно спречување на долгогодишниот криминал со употребувани возила, на злоупотребите и измамите со увоз на храна чија цел била избегнување на плаќањето давачки, со што е нанесена директна штета на буџетот на државата. Решени сме да се справиме со криминалните банди и да ги наплатиме сите давачки кон државата. Годинава, до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и до Основното јавно обвинителство, Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги поднесе 41 кривична пријава против 32 правни и 118 физички лица за сторени кривични дела со 140 возила, при што директната штета нанесена на буџетот со избегнување на плаќањето давачки изнесува 14,7 милиони денари (239 илјади евра) – рече Николовски.
Тој посочи на уште една организирана група што со користење фалсификувана документација и лажни исправи сакала да прошверцува половно возило „мерцедес Е 350“ и да не се платат давачките од 450 илјади денари (7.300 евра). Николовски рече дека се инволвирани две шпедиции во случајот – од Скопје и друга лоцирана на граничниот премин Блаце, потоа нотар, тројца царински службеници и еден полицаец. „Мерцедесот“ е запленет, а против девет лица се поднесени кривични пријави. Николовски истакна дека се извршени повеќе криминални дејства во овој случај.
– Прво е фалсификува исправа, употребена е со невистинита содржина и злоупотреба на службената должност и овластување. Затоа ги зајакнуваме капацитетите и внатре и на граничните премини – и на оние најфреквентните и на оние со најмал сообраќај, при што ги спречуваме обидите за шверцување – истакна Николовски.
Тој посочи дека и на граничниот премин Пелинце, каде што со години немало записник за сторено кривично дело, бил спречен обид за шверц на злато и на сребро вредни 2,4 милиони денари (39 илјади евра).
(С. Бл.)
Тарифирале увозно месо со пониски царински стапки
Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, посочи дека дејствуваат на повеќе фронтови за целосно спречување на долгогодишните криминал и измами со увозот на храна. Тој рече дека во пет случаи, при контроли на увоз на месо, е остварена дополнителна наплата од 178.900 евра.
– Станува збор за случаи во кои увозници го тарифирале месото со пониски царински стапки за да избегнат плаќање давачки. За сторителите ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство, а за еден сторител ќе биде поднесена прекршочна пријава – информира Николовски.