Годинава, Царината поднела 174 кривични пријави, од нив 26 се за сторени кривични дела со 90 возила. – Заедничко за овие случаи е грубото кршење на законските прописи, при што се вмешани царински службеници, шпедиции, увозници, нотари и полициски службеници. Изработувани се фалсификувани документи и возилата се пуштани во слободен промет без да се плати царина и други увозни давачки во целост, односно, давачките се делумно плаќани, вели директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
Истрагите резултираа и со зголемена наплата на приходи од увоз на возила. Анализата за октомври покажува најголем пораст на наплатени приходи од увоз на возила, додека на кумулативно ниво, приходите од увоз на возила се на второ место по приходите од увоз на тутун
Царинска измама, шверцување, недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дрога и фалсификување исправа, се најчестите кривични дела што ги откриле од страна на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги на Царинската управа. Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, вели дека за три пати е зголемен бројот на кривични пријави. Само оваа година се поднесени вкупно 174 кривични пријави и тоа за 361 физичко лице и за 126 правни лица. Тој информира дека годинава до ОЈО и ОЈО ГОКК се поднесени 89 кривични пријави против 69 правни и 230 физички лица поради основано сомневање за сторени криминални дела направени со 204 возила.
– Само до ОЈО ГОКК се поднесени 26 кривични пријави против 50 правни и 160 физички лица, за сторени кривични дела со 90 возила. Заедничко за овие случаи е грубото кршење на законските прописи, при што се вмешани царински службеници, шпедиции, увозници, нотари и полициски службеници. Изработувани се фалсификувани документи и возилата се пуштани во слободен промет без да се плати царина и други увозни давачки во целост, односно, давачките се делумно плаќани – истакна Николовски.
Истрагите резултираа и со зголемена наплата на приходи од увоз на возила. Анализата за октомври покажува најголем пораст на наплатени приходи од увоз на возила, додека на кумулативно ниво, приходите од увоз на возила се на второ место по приходите од увоз на тутун.
Инаку, во октомври, Царината наплатила 12,05 милијарди денари (196 милиони евра), што е за 11,4 милиони евра повеќе од лани. Најголем пораст од 16,6 проценти е забележан во наплатата на приходи од царина.
– Зголемените контроли и поголемата институционална соработка и партнерски однос со компаниите се едни од причините за порастот. Приходите од наплата на давачки при увоз на возила се зголемени за 11 проценти. Резултатите се препознаени и од Европската комисија, која во последниот извештај нотира високо ниво на напредок во поглавјето Царинска унија со кое раководи Царинската управа – велат од Царинската управа.
За зголемената наплата на приходи, што беше истакнато и од Европската комисија, директорот вели дека денес предизвикот е поголем бидејќи целта е да се надминат резултатите што се остварени од поставување на новото раководство.
– Дадовме гас до максимум, предизвик ни е да се надминеме самите себеси, да ги надминеме резултатите што самите ги постигнавме. Од почетокот на годинава, заклучно со октомври, наплативме приходи од 1,77 милијарди евра, за 89,4 милиони евра повеќе споредбено со лани. Ова се повеќе пари за болници, училишта, патна и железничка инфраструктура… Дадовме силен поттик – вистински „пуш“ во економијата – вели Николовски.
Во однос на начинот на кој е постигнат висок напредок, тој вели дека „само со зацртана цел, со визија и со добар тим, резултатите ќе бидат видливи и мерливи“.












