Сенатот на САД му дозволи на претседателот Доналд Трамп да воведе царински тарифи и до 500% на земјите кои продолжуваат да тргуваат со Русија или не ја поддржуваат Украина. Трамп изјави дека го подржува предлогот наречувајќи го како „многу прифатлив“.
– Републиканците промовираат закон што предвидува многу строги санкции и други мерки против секоја земја што работи со Русија. Како што знаете, јас го предложив тоа, така што секоја земја што работи со Русија ќе биде многу строго санкционирана – рече Трамп, пренесе Ројтерс.
Законот, поддржан од двете партии, предложен од сенаторот Линдзи Греам (републиканец од Јужна Каролина) и сенаторот Ричард Блументал (демократ од Конектикат), ги таргетира земјите што купуваат руска нафта, гас, ураниум или други енергетски производи – потег што директно би влијаел на Кина и Индија, два од најголемите енергетски клиенти на Москва. Трамп додаде дека Иран би можел да биде вклучен и во рамката на санкции.
– Законодавниот акт би му дал на претседателот овластување да воведува казнени увозни тарифи и санкции врз државите што одржуваат енергетска трговија со Русија и покрај западните ограничувања. Предлогот го одразува растечкиот двопартиски притисок за проширување на економските казни врз земјите кои помогнаа да се неутрализира влијанието на санкциите на САД и ЕУ со продолжување на купувањето руско гориво – коментира Ројтерс.












