Царинската управа во мај наплатила приходи во вкупен износ од 177,3 милиони евра што е раст од 7,3 проценти или тоа се 12,1 милион евра повеќе во споредба со лани. Како што истакна директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, раст на приходите има по сите основи.

– Растот на приходите најмногу се должи на зголемен пријавен увоз на тутунски производи што е 31 процент повеќе приходи од лани, како и на зголемиот пријавен увоз на автомобили кој е за 20 проценти поголем од минатата година.  Зголемените контроли на увозите на автомобили, и предкривичните истраги за сторени кривични дела со употребувани возила што резултирташе со 41 кривична пријава поднесена од Секторот за контрола и истраги годинава, го дадоа својот ефект преку зголемен пријавен увоз на возила и зголемената наплата на приходи по овој основ – истакна Николовски.  

Така, приходите од данок на моторни возила се поголеми за 16,7 проценти, од царина се зголемени за 22,7 насто и од акциза за 5,2 проценти.

Раст на приходите има во првите 5 месеци од годинава, така, кумулативно заклучно мај наплатени се 847,6 милиони евра или тоа е за 38,6 милиони евра повеќе од лани.

– Од зголемен пријавен увоз на тутунски производи наплатени се 70 милиони евра што е 11 милиони евра повеќе од лани, додека од зголемен пријавен увоз на возила наплатени се 82 милиони евра приходи или 8,5 милиони евра повеќе од лани. Поголемата ефикасност и професионалност на Царинската управа е повеќе од видлива. Ваквите успешни резултати значат побезбедно општество и тоа е повеќе пари во буџетот на држата за нови училишта и градинки, за нови болници, автопати, повисоки плати и пензии – истакна Николовски.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ