Царинската управа и Централниот регистар по дигитален пат ќе разменуваат податоци за царински долг, со што хартиените потврди кои се потребни за упис и промени на правниот субјект наскоро стануваат минато.
– Намалувањето на бирократските процедури и зголемувањето на ефикасноста на администрацијата преку поедноставување и забрзување на постапките е едно од нашите ветувања пред јавноста. Ова е само еден од чекорите што ги преземаме во таа насока. Годишно, досега се издаваа од седум до девет илјади потврди во хартиена форма, за што фирмите и граѓаните чекаа и по неколку дена. Во изминатите месеци, заедно со Централниот регистар интензивно работевме на дигитално поврзување на системите. Од почетокот на следниот месец, Централниот регистар ќе ги добива потврдите за царински долг автоматски, преку системот за интероперабилност – со само еден клик од Царинската управа – истакна директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, кој со директорката на Централен регистар, Анита Стамнова, го потпишаа Договорот за соработка и размена на документи во електронска форма.
Николовски додава дека ова претставува уште еден важен чекор кон создавање подобра деловна клима и современи услови за водење бизнис. Стамнова рече дека со овој начин на поврзување преку интероперабилност ќе се олеснат бизнис-процедурите, а ќе се зголеми ефикасноста при обезбедување на неопходните документи при уписите на правните субјекти.