40 штеки цигари, 5 грама марихуана, 2.700 ќесички суплементи, 17 парфеми, 7.500 евра, 600 пакувања со вештачки трепки, 35 литри алкохолни пијалоци и разна друга стока е запленета во текот на изминатите денови, во случаи на откриени прекршочни дела, при што против сторителите е спроведена соодветна постапка.
Најголем дел од случаите се откриени од мобилните тимови кои при контроли извршени на граничните премини и во внатрешноста на државата открија и спречија повеќе прекршочни дела:
40 штеки цигари и 17 парфеми, се откриени на Меѓуградската автобуска станица при контрола на автобус со турски регистарски таблички кој сообраќал на редовната линија Истанбул-Гостивар, извршена на Меѓуградската автобуска станица Скопје. Непријавените производи биле пронајдени на повеќе места во внатрешноста на автобусот – фиоката над возачот, позади возачкото седиште, во фиоката над предните скали, под и на претпоследните седишта и во просторот за одмор на возачите.
Пет грама опојна дрога марихуана е откриена при контрола на патнички кампер со швајцарски регистарски таблички со кој француски државјанин се пријавил за влез во државата на граничниот премин Блаце.
При претрес на возач на автобус на граничниот премин Табановце, откриени се непријавени 9.500 евра. На лицето, македонски државјанин, согласно законските прописи му се вратени две илјади евра, а останатите 7.500 евра се запленети.
Во друг случај на граничниот премин Табановце, мобилен тим при контрола на камион со скенер, откри разна стока која не била пријавена меѓу која и опрема за уредување на домот.
При контрола на минибус на влез во државата на граничниот премин Блаце се откриени дури 2.700 ќесички со суплементи Arabesca Genitals и Arabesca Slim Mix, кои биле скриени на различни места во возилото. Возачот на минибусот, изјавил дека пронајдената стока е пратка која требало да ја достави на лице во Скопје.
Вкупно 600 пакувања со вештачки трепки, се пронајдени при контрола на патните торби на италијанска државјанка кој допатувала на Меѓународниот аеродром Скопје со лет од Рим.
При контрола на стока со потекло од Турција наменета за фирма од Гостивар, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 4 се запленети 120 пара чорапи со ознаки на заштитена трговска марка поради основано сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост.
Во други случаи царински службеници на граничните премини Дојран и Табановце, открија прекршочни дела при што запленети се употребувана пумпа, 35 литри алкохолни пијалоци, 117 парчиња облека, како и разна друга стока.