Како што вели за весникот ВЕЧЕР проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска од ФМУ, која е во организацијата на фестивалот „Credence Dance“, „Вечерите на класичен балет и современ танц“ ги започнале пред три години со идеја да бидат платформа за споделување искуства, знаења и за создавање професионални врски. – Овој фестивал е значаен елемент за развојот на танцовата сцена и уметност во Македонија, бидејќи не само што создава простор за вмрежување и соработка туку истовремено е и место каде што се негува и афирмира современиот и модерен танц, нешто што ретко се гледа на нашата танцова сцена – вели Бојан Мицев, танчар и кореограф во Танцовата компанија на Театарот во Оснабрук, Германија
Настапи на врвни домашни уметници и на уметници од САД, Кина, Словенија, Германија, Франција, Италија, Шпанија и од Велика Британија донесе третото издание на фестивалот „Credence Dance“, „Вечерите на класичен балет и современ танц“, кое се одржа изминатава седмица, на сцената на Националната опера и балет во Скопје, а во организација на Факултетот на музичка уметност. Фестивалот се одвиваше во четири тематски вечери посветени на класичниот балет и на современиот танц, а во оф-програмата се одржаа работилница посветена на традиционалните кинески танци и трибина. Фестивалот годинава постхумно му ја додели наградата за трајни вредности во танцовата уметност на истакнатиот танчар, еден од доајените на македонската балетска уметност и прв директор на Балетот на Македонскиот народен театар, Антон Баталаков (1945-2021).
Како што вели за весникот ВЕЧЕР продеканката на ФМУ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска, која е во организацијата на фестивалот, „Вечерите на класичен балет и современ танц“ ги започнале пред три години со идеја да бидат платформа за споделување искуства, знаења и за создавање професионални врски.
– Денес, фестивалот, нескромно ќе истакнам, стана репрезент на танцовата култура на универзитетско ниво не само во нашата земја туку многу пошироко. Само оваа година ни гостуваа танчари и кореографи од три континенти. Секој процес иницира промени и тенденција за унапредување. Во фазата на обликување на годинашната програма се наметна идејата за имплементација на колаборативните формати. Стандардната програма на гостување на студентите танчари и млади уметници е фиксна. Оваа година ни гостуваа Танцовата академија на Пекинг со класични кореографии и Taнцовата компанија на Оснабрук, Германија, со кореографија на Бојан Мицев. Покрај ова, поканивме еминентни, но и млади кореографи, кои работеа на креирање нови креации со нашите студенти. Имено, оваа година како нишка се провлече тенденцијата за споделување искуства, креирање интеркултурен креативен дијалог, кој резултира со нови, свежи креации. Во овој дел би ги споменала нашиот искусен и светски познат кореограф, Игор Киров, кој наменски создаде две креации со нашите студенти и алумни, и американскиот кореограф Сеан Су, кој го сподели своето искуство со студентите на ФМУ и креираше минијатура со нив. Франциско Руиз од Шпанија креираше кореографија за втората фестивалска вечер, професорката Искра Шукарова, пак, создаде неколку тематски целини со своите студенти, Елизабет Колевска го реобнови балетот „Велеградски варијации“ итн. Ова издание беше амплифицирано со дополнителни содржини, што го прави сосем поразлично од другите фестивали од овој вид. Тоа се работилницата и трибината како дополнување кон основната траверза на фестивалот. Но, би истакнала дека нема прогрес без тим што стои зад подготовката и реализацијата – вели Здравкова-Џепароска.
Ѕвезди на првата вечер на класичен балет на фестивалот беа уметниците од Танцова академија од Пекинг.
– Како главни изведувачи на „Вечерта на класичен балет“, со задоволство ја споделивме сцената со извонредните студенти на Вашиот почитуван Балетски оддел и се вклучивме во уметнички дијалог со исклучителни танчари од целиот свет. Ова, несомнено, е длабоко значајна меѓународна културна размена. Она што е особено значајно е што оваа претстава ќе го означи првиот цвет на кинеската балетска уметност во Скопје, овој историски град што го носи наследството на византиската цивилизација. Внимателно подготвивме три па-де-де за класичен балет, кои ја отелотворуваат уметничката визија на Владимир Малахов, директор на Балетскиот оддел на Пекиншката танцова академија, како и колективната мудрост на сите наши наставници по вежбање – вели Пенг Џи, која го претставува Балетскиот оддел на Пекиншката танцова академија.
Таа посочува дека ѝ е чест што се поканети во Скопје, историската престолнина на Македонија, за да учествуваат на фестивалот каде што приредија балетска гозба за публиката, што ја комбинираше естетската суштина на источните и на западните традиции.
– Цврсто веруваме дека оваа прекугранична уметничка соработка не само што создаде возбудливи моменти на сцената туку и ќе отвори ново поглавје во културната размена меѓу Кина и Македонија – истакна таа.
Кореографот Игор Киров, пак, посочува за нашиот медиум дека неговите кореографии се резултат на долгогодишната соработка и посветеноста меѓу него и Академијата (ФМУ).
– За фестивалот подготвив уникатен пристап, кој ги интегрира различните стилови и техники, создавајќи не само визуелно задоволство туку и емоционален третман за публиката. Соработката со Факултетот е особено важна за студентите, бидејќи им помогна да добијат свежи идеи, нови техники за изучување и, секако, перспективи, што дополнително им ги збогатува сознанијата за балетската уметност. Што се однесува до младите играчи, нивните енергија и страст се неодоливи. Тие не само што внесуваат свежина во кореографиите туку и учат од искуството работејќи со кореографите, како и со професорите што им ги овозможува Академијата. Наша задача е да им овозможиме простор за раст и развој, така заедно можеме да создадеме квалитетни кадри, кои понатаму ќе се изградат во уште поквалитетни танчари и педагози. Секогаш е големо задоволството да се работи со млади таленти и се радувам за идните проекти што нè чекаат – додава Киров.
Бојан Мицев, танчар и кореограф во Танцовата компанија на Театарот во Оснабрук, Германија, пак, кој трета година по ред е редовен гостин на Фестивалот, вели дека му е многу драго за поканата и за учеството.
– Фестивалот нуди богата и квалитетна програма, со широк опус на дела и на уметници од домашната и од меѓународната сцена. Овој Фестивал е значаен елемент за развојот на танцовата сцена и уметност во Македонија, бидејќи не само што создава простор за вмрежување и соработка туку истовремено е и место каде што се негува и афирмира современиот и модерен танц, нешто што ретко се гледа на нашата танцова сцена. Секоја иницијатива – проект, платформа или фестивал од ваков вид треба да е за поздрав и за поголема поддршка од Министерството за култура и туризам и од другите културни институции. Особено важно е што Фестивалот ја поддржува и следи работата на алумните на ФМУ, како и на македонските танчари и кореографи што ги градат своите кариера и дела надвор од земјата. Претставувањето на нивните дела е од голема вредност за Фестивалот и е подарок за публиката, давајќи ѝ можност да се запознае со светските современи уметнички методи и практики. Годинава, јас се претставив со делото со наслов „Циклус“, кое е продукција на Танцовата компанија при Театар Оснабрук во Германија и Здружението за култура „Моушн нетворк“ од Штип. Во него настапија танчарите Марине Санчез Егас од Франција, Емануела Вуро и Луиџи Императо од Италија – истакнува Мицев.
Истакнатиот кореограф и професор по танц од Универзитетот „Темпл“ во САД, Сеан Су, пак, се претстави на Фестивалот со дело од современиот танц, во кое настапија студентите од ФМУ. Во текот на својот еднонеделен кореографски престој во Македонија, тој создал седумминутно современо танцово дело во соработка со балетските танчари.
– Најновото дело е инспирирано од ефемерниот живот на еднодневниот инсект – моќна метафора што ги доловува минливата природа и длабоката убавина на човечкото постоење. Многу е предизвикувачки да се создаде целосно реализирано групно дело за само една недела и да се донесе на сцената – вели Су.
Тој ги прифатил предизвикот и интензитетот на процесот и првпат се вклучил во македонската танцова култура.
– Проектот има цел да открие нови движења со спојување на прецизноста на балетот со елементите на кинеските боречки вештини, поместувајќи ги границите на обете форми. Централно место во кореографскиот процес има духот на соработката, каде што се охрабруваат танчарите да придонесат со своите гласови и креативен придонес, поттикнувајќи заедничко сопствеништво на делото и збогатувајќи ја неговата разновидност. Оваа меѓукултурна размена дава единствена фузија на движење, наследство и на иновација, нудејќи ѝ на публиката можност да доживее свежа перспектива за современиот танц – истакнува Су.
(Н.И.Т.) Фото: Сашо Алушевски