„Чудна жена беше Вера, сè кај неа пак ме тера“ – пејачот Круме Спасовски сè уште е баран и во македонската дијаспора со својот легендарен хит

29

Македонската фолк-песна „Чудна жена беше Вера“ е песна што не се заборава. И понатаму се пее на сите можни веселби, празнувања, другарувања… ја сакаат различни генерации, што се вели, оние од 8 до 88 години. Песната е снимена во далечната 1974 година, за музичките потреби на Радио-телевизија Белград. Ретко кој знае дека продуцент на овој фолк-евергрин е легендарниот Александар Сариевски.

Пејачот што се прослави со „Чудна жена беше Вера“ е познатиот Круме Спасовски. Песната му ја обележа кариерата. Таа беше и некој вид препознатливост на неговиот солистички концерт пред некоја година, во Домот на АРМ. За тој многу успешен концерт пишуваше и весникот ВЕЧЕР, кога, како пишан медиум, беше специјално поканет.

Круме често настапува кај македонските иселеници. Неговото пеење не може ни на сон да помине без „Чудна жена беше Вера“. Дури и доаѓа до делириум во дијаспората. Летаат пари на сите страни, се кршат и чаши и чинии, се пие вино, ракија и иселениците како да ја лекуваат носталгијата по родниот крај со рефренот на песната: „Чудна жена беше Вера, сè кај неа пак ме тера. Мирна реко, така е, мојот живот мака е, мирна реко, кажи ми кај ги носиш тие дни…“

Тој денес живее пензионерски, повремено настапува, а публиката сè уште го бара.

– Живеам во скопско Горно Коњари. Таму сум роден, таму си направив куќичка. Секој каде што е роден, таму му е најмило. Така и мене. Во градот не ми се доаѓа. Загаден е воздухот и Скопје, за жал, стана нечист град. Во село сум најсреќен. Во Горно Коњари сум со сопругата Зага, најмилата баба на своите внуци. Порано, додека беше жива, често ни доаѓаше на гости нашата мила Атина Апостолова. Убаво се дружевме. Ќерката и синот се најчесто кај нас. Тие си имаат свој покрив над главата, а доаѓаат кога се слободни. Така и треба, секој да си го проживее својот овоземен живот без пречки, без нервози, во добро здравје, со песна и насмевка, да им се радува на децата и на внуците – вели пејачот, кој честопати можеме да го сретнеме и на реката Пчиња, каде што другарува со пријателите и со роднините.  (Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ