Чучуљ ја презеде ДКСК под притисок на скандали и предупредувања за нула напредок во борбата со корупцијата

По европската „жолта карта“ – антикорупциско ресетирање

1

„Како тим ќе бараме одговорност и транспарентност од сите институции“, се заколна новиот претседател на Антикорупциската комисија, Адем Чучуљ, во Собранието каде што со 82 гласа ја доби довербата од народните избраници. Случајно или не, неговото стапување на функцијата се совпадна со два настана поврзани со ДКСК, првиот е дека се случи на денот на одбележувањето на борбата против корупцијата, а вториот е што додека тој пред медиумите вети дека ќе го врати интегритетот на комисијата, поранешната претседателка, Татјана Димитровска, седна на обвинителна клупа поради сомневања за нејзина вмешаност во коруптивниот случај „Адитив“.

Европската комисија, во својот последен извештај за напредокот на земјава, ни „удри силна шлаканица“ во борбата против корупцијата.

„Македонија не постигна никаков напредок во спречувањето и во борбата против корупцијата, таа останува присутна во многу области и претставува сериозна загриженост“. Во делот за институционалниот капацитет, Европската комисија остро укажа на кризата во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), чиј претседател поднесе оставка по поведено обвинение.

„Обвинението против претседателот на ДКСК, кое доведе до нејзина оставка, го доведе во прашање кредибилитетот на институцијата. Комисијата мора проактивно да ги открива и да ги пријавува случаите на корупција, да врши ефикасна проверка на имотните пријави и да го засили надзорот над финансирањето на изборните кампањи. Нејзините препораки ретко се следат од другите институции, што создава затворен круг на неефикасност“, забележа ЕК.

Новиот претседател, кој доаѓа токму од институцијата, вети дека Комисијата ќе ја поправи оценката.

– Ќе треба напор, доста работа. Во моето интервју во Собранието кажав дека ќе се залагам за дигитализација, за превентивните алатки. Во фаза сме на подготовка на новата Национална стратегија, која се изготвува во инклузивен процес, со учество на сите релевантни фактори во државата. Како превентивна алатка се надевам дека ќе биде многу поконцизна и поспроведлива за разлика од претходната. Со тој механизам ќе придонесеме да се отстранат системските слабости кои генерираат корупција. Се надевам дека ќе имам поддршка од целата Комисија, да ја зголемиме нашата проактивност во делот проверка на имотната состојба на избраните и именуваните лица бидејќи тоа е една од забелешките во Извештајот на ЕК, а е шеста препорака на ГРЕКО – изјави Чучуљ и им се придружи на членовите на ДКСК во одбележување на денот на борбата против корупцијата. Новоизбраниот шеф на антикорупциска таму рече дека ќе биле пример за интегритет.

„Интегритетот е темел на добро управување и крај на културата на неформални центри на моќ“, рече Чучуљ пред странските гости и претседателот на Собранието Африм Гаши, кој го ослови Чучуљ како нов капетан на бродот во борбата против корупцијата.

„Само институција со правен и со морален стандард може да го бара тоа и од другите институции“, изјави Гаши.

Опозицијата бара неселективност во постапувањето на новиот претседател. Од Бихачќка го потсетија Адем Чучуљ за корупцискиот скандал од 9 милиони евра и го повикаа тоа да биде меѓу првите негови работни задачи.

– Кои се фактите: Фирма основана минатата година, со само двајца вработени добива 9 милионски договори за тендери од владата на Христијан Мицкоски. Тендерите се во висина од 9 милиони евра, пари на граѓаните! Периодот на добивање на сите тендери вредни 9 милион евра е само за шест месеци во 2025 година. Вкупниот број добиени тендери е 6 од кои 4 тендери се од Генералниот секретаријат на владата на Мицкоски, еден од ЕСМ и еден од Министерство за администрација, велат од опозицијата кои доказите ги доставија до ДКСК и ОЈО.

Додека опозицијата бара истрага за злоупотреба на народни пари, премиерот Христијан Мицкоски ја промовираше алатката proekti.gov.mk преку која граѓаните ќе можат да следат за кои проекти се троши буџетот.

„Државата што ја водиме е решена да биде отворена, отчетна и да обезбеди целосен увид во тоа каде завршува секој денар од јавните средства“, рече премиерот.

– Првпат во историјата на Македонија воспоставуваме систем во кој секој граѓанин, секоја општина, секој новинар, секој претставник на граѓанскиот сектор, и секој релевантен чинител ќе може во реално време, транспарентно и прецизно, да го следи текот на проектите што ги финансира Владата, изјави Мицкоски.

Шесте члена на Антикорупциска, водени од ревизорката Димитровска, нема да бидат запаметени по ниту еден случај на злоупотреби, особено од страна на носителите на државни функции, а слаба беше и нивната отчетност и за последните локални избори. Сега веќе новиот претседател на ДКСК, на интервјуто нагласил дека стручност му е темата за имотот на функционерите и дека целата кариера ја вградил во системот за следење на проблематиката. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ