Чопери, тракери, крузери во Паркот на франкофонијата

54

Паркот на франкофонијата, в недела, ќе биде местото каде што ќе се слават културата и уметноста на мотоциклизмот. Таму, од 12:00 до 17:00 часот, во рамките на манифестацијата „Cruise Cult 2025“, ќе бидат изложени внимателно избрани мотоцикли од сите значајни категории: chopper, customized, cruiser, bobber, trucker, café racer, rat bike, rare и classic. Во секоја класа ќе бидат претставени неколку карактеристични модели. Во рамките на настанот ќе биде поставена и фотографска изложба, со селекција од 10 до 15 фотографии што ги доловуваат визуелниот идентитет и животниот стил на мотокултурата.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, потенцира дека љубителите на уметноста ќе имаат можност да следат и специјализирани перформанси, меѓу кои airbrush и pinstripe работилници. Тој истакна дека, дополнително, ќе има и презентација на графити арт, со цртање во живо. Музичкиот дел на програмата ќе биде резервиран за настап на блуз и на рок-бендови, кои ќе го надополнат автентичниот амбиент на манифестацијата и ќе обезбедат целосно уживање за сите посетители. Бендот „In the mood“ ќе настапи од 12:00 до 14:30 часот, додека бендот „Day Off“ – од 15:00 до 17:00 часот.

– Со години наназад, вложуваме во настани што ја збогатуваат јавната сцена, ги отвораат јавните простори за граѓаните и промовираат слобода на изразување. „Cruise Cult“ е сцена каде што се среќаваат уметноста, индивидуалноста и автентичниот урбан идентитет. Овој настан е симбол на отворена, прогресивна и креативна заедница и токму затоа Општина Центар ќе продолжи активно да ги поддржува сите иницијативи што создаваат вредност, инспирираат и ја прават вистински модерен европски центар – изјави Герасимовски.

Манифестацијата „Cruise Cult 2025“ е бесплатна и отворена за сите граѓани и е поддржана од Општина Центар.

Герасимовски најави и дека летово ќе никне нов мурал посветен на Бушавата азбука, на улицата „Орце Николов“, каде што, заедно со муралите на Стефановски и на Џамбазов, ѕидовите на Дебар Маало добиваат душа и приказна.

Специјално изненадување ќе бидат „Центарските приказни“, проект што, преку урбаната уметност, ќе ги обележи клучните локации во Центар. Во паркот ќе биде поставена и скулптурата „Глас на минатото“, изработена од рециклирани материјали.

– Почитувајќи го минатото, испраќаме порака за иднината – нагласи Герасимовски.

Програмата за деца „На одмор сум, во Центар сум“ и ова лето продолжува со спортски игри, театар, работилници и со кинопроекции.

– Да им овозможиме на сите деца креативно лето дури и кога не се на патување. Во септември ќе заокружиме сè со хепенингот „Нешто што ќе остане“, со македонски артисти и силна поддршка на домашната сцена – рече Герасимовски.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ