Според процените на Светската банка, постигнувањето на светската цел за намалување на трошоците за дознаки на 3% би придонесло за заштеда до 500 милиони евра годишно за граѓаните во регионот на Западен Балкан, посочи гувернерот Трајко Славески на отворањето на 16. Конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, што оваа година се одржува во Охрид под наслов „Преповрзување на плаќањата во дигиталната ера“.
Тој потенцира дека и за компаниите, особено за малите и за средните претпријатија, СЕПА носи значителни заштеди и овозможува поголема предвидливост на трошоците при прекуграничните трансакции.
– Интеграцијата на нашата земја во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) покажува дека не само финансискиот систем во земјава, туку и целокупната економија е подготвена за предизвиците што ќе произлезат од делувањето во заедничката европска рамка. Тоа носи реални придобивки за граѓаните и за компаниите за сегашните, но и за идните генерации – нагласи гувернерот.
На 7 октомври годинава, банките од нашата земја, заедно со Албанија, Црна Гора и Молдавија, започнаа со извршување трансакции преку СЕПА, што претставува конкретен чекор кон финансиска и економска конвергенција со Европската Унија.
Гувернерот Славески најави дека следниот стратегиски чекор на Народната банка ќе биде воспоставување нов систем за инстант плаќања според стандардите и правилата за работа на европскиот систем ТИПС, што воедно е регионална иницијатива за поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан и нивна интеграција со европскиот инстант платен систем.
– Со помош на инстант системите, плаќањата ќе станат уште побрзи и достапни во секое време, со што ќе се намали употребата на готовина и ќе се намали сивата економија. Ова пак, ќе ги поттикне растот и развојот – рече гувернерот.
Осврнувајќи се на улогата на финтек-компаниите и на небанкарските даватели на платежни услуги, Славески истакна дека иновациите и конкуренцијата во овој сектор активно го преобликуваат платежниот пејзаж, создавајќи поголема достапност на платежните услуги и вклученост на населението.
На крајот од своето излагање, гувернерот нагласи дека успехот во оваа област зависи од довербата во платните системи, заснована на три принципи – интероперабилност, пропорционалност на регулативата со интегритетот и финансиска вклученост.
– Плаќањата се крвотокот на финансискиот систем и се неопходни за непречено функционирање на економијата. Клучот за успехот е нашето заедничко работење, бидејќи тоа се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните и влијае и врз стабилноста на економијата – порача Славески.












