Најтрофејниот македонски ракометен колектив, Вардар 1961, доби нов спонзор. На дресот на вардарци веќе стои името на српската банка Алта, која пред само неколку дена ја купи Стопанска банка АД Битола.

Со доаѓањето на новите спонзори, раководството на клубот ќе има на располагање повеќе средства за значително да ги засили позициите за кои Иван Чупиќ смета дека се најтенки со квалитет. Дополнително, Вардар ќе добие и голема финансиска помош од Град Скопје, откако во предизборната кампања тоа го најави сегашниот градоначалник, Орце Ѓоргиевски.

Но ваквиот развој на настаните донесе големо незадоволство во Битола, а навивачката група „чкембари“ преку соопштение го кажа својот став и ги повикаа политичарите од Градот на Конзулите да не останат неми на овие случувања.

– Пред само неколку дена, Алта банка од Србија ја купи Стопанска банка АД Битола. Иако сè уште неребрендирана, денес веќе под името Алта банка АД Битола, се појавува како нов финансиер и спонзор на РК Вардар 1961. Истовремено, сведоци сме дека и во ФК Вардар во последниот период „никнуваат“ нови спонзори, што нè враќа во времето од пред неполна деценија, кога спортските колективи под името Вардар, под маската на приватен капитал, всушност функционираа како државни проекти.

Очигледни се и релациите со федерациите каде што се натпреваруваат овие клубови, како и нивниот судиски и институционален третман. Истовремено, јавни се и врските и блискоста на актуелниот министер за спорт со овој клуб.

Прашањето што го поставуваме е јасно: дали ваквиот модел – насочување на државните, јавните и големите приватни спонзори кон само еден колектив е фер кон сите други клубови во државата и дали е фер кон спонзорите кои со години ги поддржуваат другите клубови?

Во момент кога влегуваат нереално високи финансиски средства само во еден клуб, сосема е очекувано дека ќе се креираат нереално високи плати на пазарот. Тоа директно ги прави другите клубови неконкурентни во обидот да привлечат квалитетни играчи и да останат рамноправни во спортската борба.

Ние нема да молчиме!

Ги повикуваме сите битолски функционери, избрани од народот и одговорни пред градот, да не останат неми пред ова што се случува. Ова прашање ги засега директно Битола, нејзините клубови, нејзините спортски работници, нејзините навивачи и целиот народ, кој ви ја дал довербата – се вели во соопштението на „чкембари“.

 

ИЗДВОЕНИ