„Себастијан Фицек испиша книжевна историја со километарски редици што траеја речиси 7 часа“, велат од издавачката куќа „Сакам книги“. Фицек во саботата, на 10 мај, во Македонија ги промовираше своите два најнови романа – „Девојката со свеќа“ и „Мимики“. Продажбата на билети, пак, во билетарницата, велат организаторите, била стопирана, нешто што Саемот не го памети. Македонските читатели со многу интерес ги проследија и промоциите на најновите дела на домашните автори
Саемот на книгата, чие 37. издание годинава се одржува од 8 до 14 мај, во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, го урна рекордот на посетители. Над 65 издавачи на штандовите со книги организираа околу стотина промоции на дела од домашни и од странски автори, кои беа проследени со голем интерес од македонските читатели. Сепак, главна ѕвезда на ова издание беше германскиот писател на психолошки трилери, Себастијан Фицек, кој предизвика вистинска навалица кај своите македонски обожаватели, кои сакаа да поразговараат со него и да добијат потпис.
Како што велат од издавачката куќа „Сакам книги“, која годинава слави 15 години постоење и речиси 500 изданија, „Себастијан Фицек испиша книжевна историја со километарски редици, кои траеја речиси 7 часа“. Имено, Фицек во саботата, на 10 мај, во Македонија ги промовираше своите два најнови романа – „Девојката со свеќа“ и „Мимики“. Продажбата на билети, пак, во билетарницата, велат организаторите, била стопирана, нешто што Саемот не го памети.
– Не паметам кога последен пат сум потпишувал олку многу книги. Дури ни на Саемот во Франкфурт не доживеав ваков ентузијазам. Бев импресиониран од тоа колку млада публика има тука, во Скопје. Ги гледав луѓето како чекаат 6 часа за да ме поздрават – тоа беше неверојатно. Благодарам, Македонијо!“ – изјави Себастијан Фицек за македонските читатели.
Од „Сакам книги“, меѓу другото, велат:
– Неговите книги беа распродадени со голема брзина, така што издавачот веќе најавува дополнителни печатења. Тој, ден претходно, се претстави и во киното Синеплекс“, а настанот ќе остане запаметен како момент кога книжевноста во Македонија доживеала вистински триумф.
Саемот на книгата, кој се одржува под мотото „Храна за душата“, и овој пат покажа дека Интернетот не успеал да ја намали желбата на читателот да ги допре страниците на делата напишани од неговите омилени автори.
Читателите со многу интерес ги проследија и промоциите на најновите дела од домашните автори. Така, викендов „Македоника литера“, која понуди над 600 наслови, организираше три промоции. Пред читателите беа претставени двете нови книги на Ѓоре Ѓелев – „Човекот без сенка“ (раскази) и „Љубовен бележник“ (поезија). Промовирана е и најновата книга на Киро Донев – романот „Дневникот од штрковото гнездо“, а дел од промоциите на оваа издавачка куќа е и претставувањето на книгата раскази „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ од Марина Димитриева-Ѓорѓиевска.
Под слоганот „Храбри нови приказни“, издавачката куќа „Арс ламина“ понуди повеќе од 1.000 наслови. На 9 мај се одржа настанот „Книжевноста во одбрана на слободата“, со авторите Моџо Килингтон и Иво Митев-Жиле, на која Моџо го потпишуваше својот нов партизански роман „СФ-СН“, а Жиле „73 дена“, за патувањето на бродот „Галеб“ на Тито. На 10 мај беше организирана средба со популарниот автор Зоран Спасов-Ѕоф, кој го потпишуваше романот „И јас сум Сирма“, а читателите имаа можност да се сретнат и со еминентните македонски писатели Владимир Мартиновски (автор на сонетниот венец „Часови без часовник“) и Владимир Јанковски – добитник на наградата „Пегаз“ за 2024, за романот „Ехото на акробатите“. Дел од саемската манифестација беше и книжевно-музичкиот настан во чест на роденденот на славниот музичар Ѓорѓе Балашевиќ. Посетителите можеа да се потсетат на неговото богато творештво преку биографската книга „Панонскиот адмирал“ од Иван Ивачковиќ, а беше закажана и дружбата со фудбалската легенда Дарко Панчев и со авторот и спортски новинар Зоран Михајлов, кои ја потпишуваа авторизираната биографија „Дарко Панчев“.
На 13 мај, пак, ќе се одржи работилница за најмладите, инспирирана од книгата „Нови бајки од Македонија“, на која децата ќе ги цртаат омилените ликови од бајките.
Саемот на книгата во Скопје ќе трае до 14 мај, а може да се посети од 10:00 до 20:00 часот. (Д. Т.)
Фото: Сакам книги/Вечер прес/Македоника литера