Читање антички стихови и македонска поезија со одгласи на антиката на Филозофскиот факултет

23

Во аулата на Филозофскиот факултет во Скопје, на 28 ноември, со почеток во 12.00 часот, ќе се одржи поетскиот настан „Хеликон пред микрофон: читање антички стихови и современа македонска поезија со одгласи на антиката“, во организација на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет.

Настанот е дел од серијата настани што Филозофскиот факултет оваа година ги организира по повод одбележувањето на 105-годишнината од основањето на факултетот.

На „Хеликон пред микрофон“ ќе настапат ученици од средните училишта од повеќе градови во државата. Дел од учесниците ќе настапат во живо, а дел со претходно испратена видеоснимка.

Учесниците ќе читаат избрани препеви на песни од старогрчки и римски поети (Мимнерм, Солон, Теогнид, Платон, Сапфо, Архилох, Катул, Тибул, Хоратиј и др.), како и современа македонска поезија инспирирана од антиката (Блаже Конески, Ацо Шопов, Матеја Матевски, Анте Поповски, Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Богомил Ѓузел, Јован Котески и други).

Целта на настанот е да ја доближи античката лирика до младата читателска публика и да покаже дека античките мотиви имаат силен одек во македонската поетска традиција. Преку јавниот настап на учениците „Хеликон пред микрофон“ има за цел и да ги поттикне младите да ја доживеат поезијата не само како училишна лектира, туку и како живо уметничко искуство.

Настанот „Хеликон пред микрофон“ е отворен за јавноста.

ИЗДВОЕНИ