На вонредното собрание на Алијансата за Албанците од крилото на Арбен Таравари беше разрешен шефот на Собранието на партијата, Арбен Фетаи. Состанокот на Собранието, како што рече Таравари, го иницирале две третини од членовите, а доаѓа неколку дена откако дел од високите функционери на оваа партија се спротивставија на неговата одлука да ја напушти Владата и коалицијата. За нов претседател на Собранието на АА е избран Назим Таипи.
„Исклучивме и некои членови на претседателството кои веќе јавно се изјаснуваат против Алијансата за Албанците. Членовите на претседателството кои беа исклучени се вкупно осум од 46 членови на Централното претседателство, така што тоа продолжува со мнозинството членови, а Собранието со апсолутно мнозинство во Централното собрание. За Мимоза Муса не беше донесена одлуката, бидејќи не беше добро дефинирана пораката, дали останува со Алијансата за Албанците или останува со Влен“, немаме јасна порака, рече Таравари.
Тој оцени дека партијата сега била почиста, бидејќи според него, оние што ја напуштиле не мислеле на народот. Таравари во моментов работи само со тројца пратеници, откако и пратеничката Мимоза Муса најави дека ќе остане дел од коалицијата Вреди во Владата.
-По заминувањето на оние кои беа заинтересирани само за власт, Алијансата за Албанците ќе расте силно и ќе стане водечка политичка сила во иднина, изјави Таравари.
Тој најави дека на Собранието била потврдена одлуката партијата да ја напушти Владата и да оди сама на локалните избори во октомври. Таравари најави дека на локалните избори ќе соработува и со ДУИ и со Вреди.
-Во Битола, во Кичево, во Брвеница, во Чашка, во Преспа, во Бутел ќе соработуваме и со ДУИ и со „Влен“, бидејќи само така можеме да им помогнеме на Албанците и тоа е од албански интерес, во другите општини ќе видиме… Немаме дефинитивна одлука. Не исклучуваме соработка со која било опозициска политичка партија, освен со Левица. Да сте сигурни дека со Левица нема да соработуваме, рече Таравари.
Во врска со излeгувањето на Арбен Таравари од владејачката коалиција и евентуално коалицирање со него, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изминатиот викенд изјави дека СДСМ партнерите ќе ги бара преку начин на соработка во насока на остварување на програмата за локалните избори, како и преку заемно почитување на политичките субјекти.
„Тоа е начинот на кој ги идентификуваме нашите коалициски партнери. Веќе имаме потврдени партнери, за локалните избори работиме на креирање на советничките листи. Сигурни кандидати за престојните локални избори се актуелните градоначалници на Центар и на Крушево, Горан Герасимовски и Томче Христовски“, рече Филипче.