Загадувањето на воздухот не го погодува само Скопје. Многу градови во регионот и целиот свет, сместени во длабоки долини и опкружени со планини, со децении се задушуваат во смог. Сепак, додека во зимските месеци Скопје наутро се буди во сива „покривка“ од смог, градовите што некогаш се сметаа за најзагадени на планетата успеаја да ја свртат приказната во своја корист.
Како метрополи како Мексико Сити, Пекинг, Сантијаго, па дури и помалиот Краков и далечниот Улан Батор успеаја да „дишат“ и што Скопје може да научи од нивните победи.
Мексико Сити: Од „град на мртви птици“ до еколошки модел
Во 1980-тите, Мексико Сити беше синоним за еколошка катастрофа. Сместен во вулкански басен, градот беше толку загаден што птиците буквално паѓаа од небото, а нивото на озон ги проби сите мерни скали. Рецепт за успех: Властите сфатија дека делумните мерки не се доволни. Тие преместија голема рафинерија за нафта од долината, ја префрлија индустријата на природен гас и ја воведоа познатата програма „Hoy No Circula“ (Не возете денес), која забранува автомобилите да возат еден ден во неделата на ротирачки начин.
Резултат: Денес, бројот на денови со екстремно загадување е драстично намален, а градот стана пионер во воведувањето на BRT систем (брз автобуски транзит) и велосипедска инфраструктура.
Сантјаго де Чиле: Победа над зимскиот смог
Главниот град на Чиле географски е „заробен“ е меѓу моќните Анди. Во 1990-тите, болниците беа преполни со пациенти во зима поради „црниот смог“.
Рецепт за успех: Клучниот потег беше смелата одлука за целосна забрана на согорувањето дрва во камини и несертифицирани печки во текот на зимата. Покрај тоа, Сантијаго изгради една од најголемите флоти на електрични автобуси во светот надвор од Кина.
Резултат: Во последните десет години, бројот на часови со критично загадување е намален за неверојатни 66 проценти. Зимите во Сантијаго повеќе не се синоним за задушување.
Краков: Европскиот град кој му рече „не“ на јагленот
Краков во Полска, градот во долина, со историски центар и илјадници стари печки на јаглен, беше „црна точка“ на Европа. Рецепт за успех: По силниот притисок од граѓаните, Краков стана првиот полски град во 2019 година што воведе целосна забрана за употреба на цврсти горива (јаглен и дрво) за греење. Градот финансираше замена на над 14.000 печки, а инспекторите дури користеа дронови за проверка на оџаците.
Резултат: Воздухот се исчисти речиси преку ноќ. Бројот на денови што ја надминуваат границата на PM10 се намали од 120 годишно на помалку од 20.
Пекинг: Војна против загадувањето
Во 2013 година, кинескиот главен град доживеа „воздушна апокалипса“ со индекси на загадување што ја пробија мерната скала. Владата објави „војна против загадувањето“.
Рецепт за успех: Пристапот беше брутален и ефикасен. Сите електрани на јаглен во градот беа затворени, милиони домаќинства беа префрлени на гас или електрична енергија, а бројот на нови автомобили беше строго ограничен со лотарија за регистарски таблички.
Резултат: За само една деценија, концентрациите на опасни PM2.5 честички се намалија за повеќе од 60 проценти. Пекинг сега има повеќе денови со сино небо отколку со смог.
Скопје се устоличи на второ место во Европа, а е седми најзагаден град во светот












