Како што најавауваат организаторите, оваа година, ќе го истражуваат длабокиот однос помеѓу човекот и природата, инспирирани од мислата на Алберт Ајнштајн: „Погледнете длабоко во природата и тогаш сè ќе разберете подобро“.
-Во време кога се оддалечуваме од нашите корени, Слоу Фуд ја покажува патеката кон обновување на врската со природата и еко-системот. Токму затоа овој салон не е само настан, туку повик за промена: премин од трошење на природни ресурси во регенеративна фаза која ја обновува и почитува земјата, водата и сите живи организми, стои во соопштението. Посетителите ќе може да уживаат, истражуваат и вкусуваат на Саемот на производи на храна – запознавајќи ги локалните и регионалните производители од целата Македонија кои ја негуваат традицијата и произведуваат добра, чиста и правична храна. Тука е и Салонот на пијалоци, што е идеална можност да се откријат и вкусат пијалаци произведени со почит кон природата, стои во соопштението.
На Слоу Фуд Арената, се додава, ќе се одржат и три форуми каде ќе се судруваат идеи и ќе се водат отворени разговори кои ја обликуваат нашата врска со природата: Едукација за одржлива иднина, Агроекологија и Слоу Фуд фарми и Слоу Фуд Травел.
Најавени се атрактивни мастер класови и дегустации, богатата палета на Миксологијата – локалните пијалаци во нови комбинации, потоа школо за готвење – новитет каде ќе се изучува природната храна и природните процеси, рецепти за ферментирање и подготовка на храна, а вистинска авантура ќе биде да се истражи Павиљонот Маслинкарник…
Детското катче е специјално подготвено за најмладите, а во него, децата ќе учествуваат во четири креативни работилници кои ќе ги поврзат со природата и храната: „Шепот на природата“, „Природна сложувалка“, „Разговор со природата“, и „Малите чувари на живиот свет“.
Слоу Фуд Салонот е подржан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и шведската организација We Effect.
Манифестацијата ќе се одржи на 13 декември 2025 (сабота) во хотел Континентал, од 11 до 20 часот.











