Во организација на Клубот за подводни дејности од Охрид викендов ќе се одржи Четвртиот македонски нуркачки конгрес со меѓународно присуство. Собирот на нуркачите од земјата прерасна во традиција на годишно среќавање на сите нуркачи од државата, како активност што придонесува за промоција на македонското нуркање во светот.
Како што соопшти Горан Балевски од Kлубот за подводни дејности „Охрид“, претходните три собири биле одлично примени од нуркачите, со интересни теми и дискусии, нуркање и со дружење по нуркањето.
Тој истакнува дека за овој конгрес се избрани теми од различна проблематика, а ќе има и посебни презентации како нуркањето на Ахмед Габр, презентација од подводниот дрон „фифиш“ и друго.
– Секој нуркач имаше право да пријави своја презентација, интересно нуркање, проблеми при нуркањето, презентација на нова опрема, ребридери, презентации на нуркањето во странство, длабинско нуркање, нуркање на интересни локација во морињата и во океаните. На конгресот ќе бидат поканети претставници на еколошките здруженија, на Капетанијата, на спортските федерации и сојузи. Свое излагање пред учесниците ќе има претседателот на Сојузот за подводни активности на Македонија, Периклија Бешка, како и Никола Исаилоски. Како посебни гости со свои презентации се поканети нуркачките тимови на МВР и на АРМ – информира Балевски.
Според него, конгресот има една единствена цел: дружење, размена на искуства, унапредување на нуркачкиот спорт во земјава и зимско нуркање во Охридското Езеро.
– Терминот е намерно избран за крајот на декември, пред Нова година и оваа година традиционално е поставувањето елка на градското пристаниште, со заедничко нуркање в недела, 28 декември. Охрид и Охридското Езеро ќе живеат овие два дена за сите нуркачи од Македонија и од регионот – додава Балевски.
Оваа година, собирот на нуркачите ќе му биде посветен на прерано починатиот нуркач Дејан Костојчиноски.












