Македонскиот олимписки комитет (МОК) ги претстави четворицата спортисти што ќе ги бранат боите на Македонија на Зимските олимписки игри, кои ќе се одржат од 6 до 20 февруари, во Милано и Кортина. Македонија ќе настапи на овие Олимписки игри со двајца алпски и со двајца нордиски скијачи.
Во нордиско скијање, поточно спринт и трката на 10 километри со интервален старт, ќе нè претставуваат Ана Цветановска и Ставре Јада. Во алпско скијање, во слалом и велеслалом ќе настапат Јана Атанасовска и Виктор Петковски.
– Скијачката федерација макотрпно работеше за да се остварат овие резултати, бидејќи воопшто не е лесно во зимските спортови кај нас. Самиот број – четворица натпреварувачи зборува дека добро сме работеле во изминатиов период. Можам да кажам дека за тројцата натпреварувачи ни се потврдени настапите во сите дисциплини, додека за едниот од нив чекаме да ни се даде зелено светло дали ќе настапи во една или во две дисциплини. Оваа потврда би требало да ја добиеме во наредните денови. Она што може да го кажам е дека Олимпискиот комитет ги овозможи сите услови што се потребни за ваков вид натпревари и многу ни е мило што избравме спортисти што се корисници на олимписка стипендија.
Од нашиот традиционален спонзор, „Јома“, обезбедивме комплетна зимска колекција, бидејќи досега немавме зимска, туку само летна, а имаме и уште неколку спонзори, кои одлучија да го поддржат Македонскиот олимписки комитет (МОК). За здравјето на нашите олимпијци, пак, ќе се грижи реномираната болница „Вита – Ес“, која ги нуди најсовремените услуги. Заедно со Скијачката федерација на Македонија, ќе се обидеме да ги обезбедиме сите потребни услови за нашите олимпијци да ги покажат своите најдобри резултати на Олимпијадата. Делегацијата што ја имаме е од исклучително квалитетни спортисти и секој во својата дисциплина е најдобар во државата, а имам и чувство дека ќе имаме добри резултати, кои сме ги немале досега.
Сите имаат извонредни резултати, а нам ни е особено драго вакво нешто, бидејќи Македонија не е скијачка велесила, претежно сме јужна земја и затоа сме задоволни што имаме не само добар број натпреварувачи туку и по квалитет се многу посилни од целиот регион околу нас. Нашата делегација ќе биде во неколку олимписки села, таков е принципот во избор на организаторот, со цел спортистите да не патуваат многу. Можам да кажам дека сме добро екипирани на сите полиња и се надевам дека ќе се претставивме во најдобро светло на Игрите во Милано и Кортина – изјави претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски.
Јана Атанасовска е нашата најмлада натпреварувачка и го држи рекордот за најдобар остварен резултат во историја на македонското алпско скијање во женска категорија со освоени 30.56 ФИС точки. Покрај Јана, во алпските дисциплини ќе настапи и Виктор Петков, кој ќе се натпреварува во велслалом, а се чека потврда за неговото учество во слаломската трка.
За Ставре Јада ова ќе биде тета Олимпијада по Пјонгчанг во 2018 и Пекинг во 2022 година и тој е нашиот најстандардден репрезентативец во крос-кантри. Ана Цветановска дебитираше во Пекинг, па за неа ова ќе биде втора Олимпијада. Ана беше нашата единствена претставничка на Светското првенство во Трондхејм и ја потврди формата со петтото место на силниот Балкански куп. (С.Т)












