Големиот успех на Мексико и пласманот во осминафиналето на Светското првенство беа засенети од страшна трагедија во Мексико Сити, каде што четири лица ги загубија животите во текот на прославата по победата над Еквадор (2:0).

По последниот судиски свиреж, стотици илјади навивачи излегоа на улиците, а најголемиот метеж беше околу споменикот „Ангел на независноста“ на булеварот „Пасео де Ла Реформа“. Според градските власти, на прославата присуствувале околу 1,4 милиони луѓе.

Поради огромниот метеж и притисокот од толпата, три лица – 19-годишна девојка, 44-годишен маж и 48-годишна жена – починале од задушување. И покрај обидите за реанимација, лекарите не успеале да ги спасат.

Четвртата жртва е маж во триесеттите години, кој починал во болница, по тежок епилептичен напад и кардиореспираторен застој.

Медицинските служби интервенирале кај повеќе од 1.600 лица поради повреди, скршеници и труење со алкохол. Претседателката на Мексико, Клаудија Шајнбаум, изрази сочувство до семејствата на загинатите, додека градоначалничката Клара Бругада апелираше до граѓаните да прославуваат одговорно.

Властите сега се во состојба на зголемена готовност пред натпреварот од осминафиналето меѓу Мексико и Англија, стравувајќи дека новите масовни собири би можеле повторно да предизвикаат опасни ситуации.

ИЗДВОЕНИ