Општина Центар објави јавен повик за доделување финансиска поддршка за реализација на проектот „На одмор сум, во Центар сум“, со цел збогатување на спортските, рекреативните и на културните активности наменети за учениците што не се заминати на летен одмор.
Во рамките на овој проект, кој прерасна во традиција, предвидено е да се организираат голем број спортски, рекреативни и забавни активности, театарски претстави, креативни работилници и детски забавни анимации.
На овој повик можат да се пријават сите регистрирани здруженија, организации и правни субјекти кои работат во полето на културата, уметноста и на маркетингот и се со седиште на територијата на Општина Центар и кои треба да исполнат одредени критериуми.
Учесниците на јавниот повик треба да предложат повеќедневна програма, која ќе се реализира во одредени периоди и на различни локации во Општината, во текот на летните месеци, односно во текот на летниот распуст на учениците. Во програмата на активности приоритет ќе имаат спортско-рекреативните и културно-забавните активности, потоа активностите за забава релаксација и дружење на децата, ангажирањето популарни детски бендови, како и анимирани ликови за деца.
Датумот и локациите за одржување на настаните ќе бидат утврдени од организаторот на активностите, односно спроведувањето на проектот, а Општина Центар ќе ги обезбеди услугите за озвучување и за осветлување на настаните.
Вкупните средства за јавниот повик изнесуваат 400.000 денари и се обезбедени од буџетот на Општината. Рокот за поднесување на пријавите е пет дена од денот на објавување на јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.