среда, февруари 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Четириесетте тони запленет канабис чекаат истрага во полициски магацини

Четириесетте тони запленет канабис чекаат истрага во полициски магацини

199

Запленетата марихуана спакувана во картонски кутии се наоѓа во магацини на полицијата во близина на скопската населба Петровец, велат од МВР за весникот ВЕЧЕР. Четириесетте тони канабис одземени од неколку фирми што биле регистрирани за одгледување за медицински цели ги покажаа лично премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни, Панче Тошковски, и директорот на БЈБ, Александар Јанев, во видеообраќање до јавноста, без присуство на медиумите. Со оглед на тоа дека кутиите ги чуваа силно вооружени полицајци, тие треба да бидат дел од доказите во евентуална истражна постапка што се води во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Оттаму велат дека од последното соопштение, нема ништо друго што да додадат. Последно што изјавија оттаму е дека соработуваат со српските колеги и со домашните институции за дела поврзани со Законот за опојни дроги.

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) повторно ја обвини власта дека и по 11 дена сè уште нема одговор за тоа како ја поминале петте тона дрога македонската граница и завршиле во Србија.

– Македонскиот Мадуро, Мицкоски, лицитира во медиумите, 25 тони, 40 тони, а сега најавува 100 тони. Дали се легални сите фирми? Тоа ли го порачува Мицкоски? Ако е така, зошто не била навреме направена контрола, зошто дозволила власта нелегално да се произведува и складира? Не се кажува дали ги субвенционира државата? Што ќе се случи ако побараат компаниите отштета? – праша опозицијата.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, упати обвинувања до поранешното раководство на СДСМ, тврдејќи дека подзаконските акти за производство на медицински канабис биле намерно донесени во колизија со законот. Според него, целта на ваквиот спорен правилник била да се овозможи неконтролирано производство што не ги исполнува меѓународните ГМП-норми.

– Дека било планирано ова, се гледа во правилникот донесен во времето на СДС, кој дозволува производство на цвет од канабис што не ги задоволува ГМП-нормите. Логично е дека маслото произведено од ваков цвет не може да биде лиценцирано, а најмалку да се најде во промет – истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Српската полиција на 29 јануари соопшти дека во соработка со Јавното обвинителство за организиран криминал запленила пет тони марихуана, најверојатно од Македонија. Досега никој од институциите во земјава не потврди дека бил прошверцуван канабисот на македонско-српската граница. Неколку дена по тоа, полицијата, Комисијата за одгледување канабис за медицински цели и Обвинителството започнаа акција за запленување на нелегално третираната марихуана во неколку лиценцирани фирми. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ