петок, февруари 27, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Четириесет нови паркинг-места во Штип, најавени се уште 300 во центарот

Четириесет нови паркинг-места во Штип, најавени се уште 300 во центарот

30

Почна уредувањето на паркинг-просторот кај „Седумте кули“ во Штип, зад Економскиот факултет, со што ќе се обезбедат 40 нови паркинг- места. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, рече дека овие паркинг-места ќе им служат и на станарите, но и на вработените и на студентите на Економскиот факултет.

– Овде ќе има повеќе од 40 паркинг-позиции, во функција на студентите, професорите, жителите од околните седум кули, кои имаат потреба од повеќе паркинг-места. Предвидениот буџет за реализација на ова проширување со паркинг-позиции е 800.000 евра. Морам да истакнам дека, како локална самоуправа, преземаме активности за зголемување на паркинг-местата во центарот на градот, со тоа што се предвидени три локации за катни гаражи. Во текот на следниот месец треба да биде ставена во функција едната катна гаража, што ќе овозможи 50 нови паркинг-места кај зградата „Промаја“, на три нивоа. Втората катна гаража, која ќе почне да се гради, е веднаш зад зградата на Општина Штип – изјави Јорданов. 

Тој додаде дека ќе има дополнителни паркинг-места и со изградбата на две нови паркинг-платформи на реката Отиња, како и на просторот до трговскиот центар. За неколку месеци ќе има околу 300 нови паркинг-места во центарот на градот.

 

ИЗДВОЕНИ