Град Скопје ќе му додели субвенции од вкупно 48 милиони денари на јавното претпријатие „Улици и патишта“ за 2026 година. Од нив, 13 милиони денари се наменети за набавка на битумен, нафта и на други материјали, со цел навремено и ефикасно одржување, санација и реконструкција на улиците и на патиштата, како и непречено спроведување на зимското и на летното одржување на сообраќајната инфраструктура.
Дополнително, предвидени се 10 милиони денари за покривање на оперативните тешкотии што произлегуваат од зголемените трошоци, нестабилните цени на енергенсите и на материјалите, како и од потребата за одржување на финансиската ликвидност и на континуитетот во работењето на претпријатието. За одржување и за оперативни трошоци на Центарот за управување и контрола на сообраќајот, се издвојуваат 25 милиони денари, со цел редовно техничко и софтверско одржување на системите за управување со сообраќајот и ефикасно приспособување на зелените сигнали според сообраќајното оптоварување.
Градските советници ќе гласаат за предлог-одлуката на претстојната седница на Советот на Град Скопје, која ќе се одржи в четврток.
Во образложението на предлог-одлуката се нагласува дека овие средства ќе обезбедат стабилно функционирање на ЈП „Улици и патишта“, навремено извршување на активностите од јавен интерес, одржување на јавните сообраќајни површини во безбедна и функционална состојба и ефикасно работење на Центарот за управување и контрола на сообраќајот, што ќе придонесе за подобра безбедност и за побрз сообраќаен проток во Скопје.
(А. П.)












