среда, февруари 11, 2026
Дома СКОПСКА Четири училишта добиваат паметен систем за енергетско управување

Четири училишта добиваат паметен систем за енергетско управување

84

Четири основни училишта од Скопје ќе добијат паметен систем за енергетско управување за поефикасно користење на електричната енергија и за унапредување на енергетската свесност во образовниот систем.

За таа цел, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини потпиша Меморандум за соработка со четирите основни училишта  „Мирче Ацев“ (Ѓорче Петров), „Исмаил Ќемали“ (Чаир), „Кирил Пејчиновиќ“ (Кисела Вода) и „Лазо Ангеловски“ (Аеродром) и со Македонски Телеком, кој во овие училишта ќе донира напредно решение за паметно мерење и управување со електричната енергија (Smart Energy Metering and Management – SEMM). Решението ќе им овозможи на училиштата да имаат подобар увид и контрола врз енергетските трошоци и ќе поттикне поодговорно користење на ресурсите.

-Енергетската ефикасност мора да почне од основата – од нашите училишта, каде што ги воспитуваме и идните граѓани и идните професионалци. Преку вакви конкретни чекори, ја пренесуваме пораката дека секоја институција, па и секој поединец, има улога во одржливото управување со енергијата. Истовремено, со ваквите проекти ги учиме младите генерации на свесност, одговорност и рационално користење на енергијата – вредности кои се суштински за иднината што ја градиме заедно – истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Од училиштата го поздравија партнерството со министерството и ја истакнаа важноста на ваквите проекти за нивното секојдневно функционирање.

-Ова не е само техничко решение, туку алатка што ни помага како институции да бидеме поефикасни, поодговорни и да ја вклучиме енергетската свест во воспитно-образовниот процес“ – порачаа директорите на четирите училишта.

Решението SEMM е целосно развиено од Македонски телеком. Системот овозможува училиштата во реално време да следат како и колку трошат, со што полесно ќе се идентификуваат можностите за намалување на непотребната потрошувачка и за подобрување на енергетската ефикасност.

-Особено ми е драго што сме дел од овој проект за енергетска ефикасност, со донација на наше паметно решение во четири училишта во Скопје. Во ерата на поврзани технологии, нашата цел не е само  да придонесеме за дигитализација, туку и за поздрава животна средина, во овој случај преку намалување на потрошувачката на електрична енергија. Соработката со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и училиштата е многу важна, затоа што само преку вакви партнерства се креираат  долгорочни и темелни решенија – изјави Никола Љушев, главен извршен директор на Македонски телеком.

Божиновска изрази надеж дека сè повеќе компании ќе го следат овој пример и ќе се вклучат во решенија што ќе им помогнат на овие институции полесно и поефикасно да се справуваат со потрошувачката и трошоците за електрична енергија.

-Компаниите не треба да бидат само технолошки иновативни – од нив очекуваме и вистинска општествена одговорност. Денес, кога сите се соочуваме со енергетски предизвици, особено е важно приватниот сектор да вложува и да помага таму каде што е најпотребно – во јавните институции како училиштата и болниците – заклучи Божиновска.

 

 

ИЗДВОЕНИ