Четири различни цени за паркирање на Клинички, камери ќе снимаат 24 часа

35

Двојно ќе се зголеми бројот на местата за паркирање на скопските клиники, а ќе има и промена на цената на билетот, најави министерот за здравство, Азир Алиу, кој објави дека ќе се потпише нов договор со ЈП „Градски паркинг“, кое и досега раководеше со паркингот. Алиу, кој доаѓа од информатичкиот сектор, вели дека паркингот ќе биде дигитализиран, современ, а системот ќе ги следи возилата од влезот до излезот. Цената на паркингот ќе биде категоризирана, во моментов, час паркирање чини 30 денари

„Ќе има четири различни влезови на новиот паркинг на Клинички, односно, за онколошки пациенти влезот ќе биде бесплатен, за пациенти со упат влезот ќе биде евтин, не знам колку е сега за да споредам, за вработени ќе има трета цена и за граѓани кои доаѓаат поради „икс“ причини ќе биде четврта цена која ќе биде најскапа. Ценовникот на паркингот нема да биде ист за сите, почнувајќи од нула денари до цени за граѓани кои не се пациенти, изјави министерот Алиу по промоцијата на новиот модул за електронска евиденција на здравствените прегледи во областа на медицина на трудот.

„Ќе бидат отворени дополнителни влезови, еден ќе биде од горе од Клиниката за кардиологија. Имаме голем простор во Клинички центар кој не е искористен, ниту достапен за пешаци и возила. Неколку недели работат архитектите и според нив, со оптимизација на просторот ќе имаме двојно повеќе места. Ако резултатите покажат дека овие места не се доволни, третата фаза е катна гаража, но јас сум сигурен дека нема да стигнеме до тоа. Оваа инвестиција нѐ чини нула денари. Ќе инвестира јавното претпријатие“, рече Алиу.

Министерството сега треба да го дефинира начинот на плаќањето, а паркингот ќе биде покриен со камери кои ќе мониторираат 24 часа. За партнерството со „Градски паркинг“ министерот вели дека е очекувано бидејќи тоа им било секојдневна работа и со нив подобро би се контролирало.

Инаку, Алиу истакна дека во електронскиот систем „Мој термин“ од април досега се евидентираат здравствените прегледи за општа здравствена способност, за засновање работен однос, за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило, трактор и работна машина, како и прегледи за здравствена состојба за поседување и носење оружје. Станува збор за прва електронска евиденција од ваков тип во „Мој термин“, со што се овозможува електронски запис за издавање лекарски уверенија и следење анализи и податоци во реално време.

 

ИЗДВОЕНИ