вторник, јануари 27, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Четири пријави за семејно и родово насилство во еден ден

Четири пријави за семејно и родово насилство во еден ден

64

Само во текот на еден ден, полицијата евидентираше дури четири одделни случаи на семејно и родово насилство во државата, податок што сериозно ја зголемува загриженоста за растечкиот тренд на насилство во домот.

Последниот случај доаѓа од Делчево, каде што Надворешната канцеларија за криминалистички работи поднесе кривична пријава против 54-годишен маж поради сомнение за загрозување на сигурноста и телесна повреда. Според пријавата, тој подолг временски период психички ја малтретирал својата сопруга, на иста возраст, упатувајќи ѝ закани, а во периодот од 6 до 8 јануари годинава и физички ја нападнал во семејниот дом.

Во Гостивар, пак, е регистриран случај на насилство меѓу татко и син. Поднесена е кривична пријава против 59-годишниот З.Ш., кој, според полицијата, се обидел во семејниот дом, со остар предмет, да го нападне својот 35-годишен син. Делото е квалификувано како „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“.

Во Скопје, во раните утрински часови, 40-годишна жена пријавила дека нејзиниот партнер физички ја нападнал во неговиот дом на подрачјето на Гази Баба. Случајот се случил вечерта на 26 јануари, а од СВР Скопје информираат дека се преземаат мерки за негово расчистување.

Уште еден случај на семејно насилство е евидентиран во Општина Центар, каде што е осомничен 49-годишен скопјанец дека физички ја нападнал својата 42-годишна сопруга и ѝ го одзел мобилниот телефон. По пријавата, бил извршен службен разговор со него, а по целосното документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Социолозите предупредуваат дека ваквата масовност на случаи во еден ден не е изолиран инцидент, туку показател за подлабок и системски проблем.

ИЗДВОЕНИ