Претстави на четири независни продукции ќе се играат од 14 до 17 јануари во Драмски театар, а во рамките на Деновите на претстави од независната продукција.

Притоа, на сцената „Ристо Стефановски“ и на Малата сцена ќе бидат изведени претставите „СамоТи(И)Ја“ во продукција на „Театроск“ од Скопје, „Delirium tremens“ на „Театарска работилница“ – Прилеп, „Кротка“ во продукција на „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци и „Сина сенка“ на „Златен Елец“ од Скопје.

Деновите започнуваат со перформансот „СамоТи(И)Ја“ во продукција на „Театроск“ од Скопје (14 јануари). Режисер е Војо Цветановски, а улогите им се доверени на Енџи Николовска и на Бојан Лазаров. „СамоТи(И)Ја“ претставува кореодрама што обработува универзална, силна и длабоко емотивна тема: вечната човечка потрага по љубов и припадност. Концептот на перформансот се развива околу идејата дека љубовта може да дојде прерано, предоцна, да ја одминеме без да ја препознаеме или да помислиме дека никогаш нема да се појави, сѐ додека ненадејно не нè допре во најнеочекуваната и најубава форма.

Во рамките на перформансот се истражува односот помеѓу две личности што постојано се бараат меѓусебно низ различни физички, емоционални и инстинктивни форми. Акцентот е ставен на сетилното истражување – допир, поглед, мирис, при што мирисот станува првиот импулс, водилка што ги насочува ликовите во нивната потрага по другото „јас“ – појаснува режисерот Војо Цветановски во описот на претставата.

На 15 јануари ќе биде изведена претставата „Delirium tremens“ во продукција на „Театарска работилница“ од Прилеп. Режисер е Игор Трпчески, а автор е Благоја Ристески-Платнар. Сцената и костимите се изработени од Бојана Артиновска. Улогите ги играат: Игор Трпчески, Димитар Ѓеорѓиевски, Методија Костоски, Филип Јездиќ, Борис Миленкоски. Тон и светло: Томе Темелкоски. Текстот започнува како класична комедија, која во својот развој преминува низ повеќе фази како апсурд, фарса, музички или кабаретски театар, драма, а стигнува до епски театар, психодрама и антидрама или антитеатар. Претстава е наменета за сите генерации и во голема мера ги дефинира односите помеѓу уметниците и работниците, нивните влијанија, соработка и антагонизам, кој се развива од неразбирање на проблемите на другите, и, секако, за љубовта и морално-етичките дилеми, кои се појавуваат кај секого од нас во состојба на љубов, страст и страв.

Претставата „Кротка“ работена по истоимената новела од Фјодор М. Достоевски, пак, ќе се игра на 16 јануари, а во продукција на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци. Уметничкиот тим на претставата го сочинуваат Пепи Ангелов и режисерката Микица Илова, и актерот Сашко Орешков. Монодрамата се базира на длабока психолошка анализа на еден човек што се соочува со ненадејната смрт на својата сопруга – млада, тивка и кротка девојка.

– Монодрамата се изведува од еден актер што го игра сопругот, во состојба на ментална растроеност. Тој ѝ се обраќа на сопругата, која лежи мртва во собата, и преку фрагментиран, емоционално набиен говор ги разоткрива нивниот брак, сопствената неспособност за емпатија и нејзината кроткост што со текот на времето станала безгласен крик. Делото е исполнето со експресивни монолози, внатрешен дијалог и се движи на границата помеѓу реалноста и халуцинацијата. Кротката не е само лик туку и архетип – симбол на жртвата, на жената задушена од патријархалниот морал, од грубоста на светот и од студенилото на еден маж што не знае како да сака – појаснува режисерката Илова.

Деновите, на 17 јануари, ќе ги заокружи продукцијата „Златен Елец“ од Скопје, со претставата „Сина сенка“ на авторот Брајан Рејнолдс. Режисерка е Тамара Стојаноска. Во претставата се користи оригинална музика на Мајкл Хукер, додека изборот на музиката и новите аранжмани се на Лука Тошев. Дизајнот на плакатот и рекламниот материјал се креација на Бојана Цилевска. Сценографијата и изборот на костими се на Тамара Стојаноска, а изработката на специфични реквизити е на Благој Илиев. Фотограф е Јордан Звездоски. Во претставата играат: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ-Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ.

– „Сина сенка“ продира длабоко во реалноста на денешното општество, времето во кое опстануваме, системот во кој живееме и начинот на кој тој систем создава насилство. Претставата отвора прашања за тоа како нè трујат медиумите со лажни вредности, како го користат фармацевтската индустрија и големите бизниси човечкиот страв за поголем профит и како станува поединецот жртва, но и продукт на една болна општествена машина. Ова е современа приказна за човекот во системот, истовремено жртва и соучесник, борец и сенка. Но вистинската борба не е само против системот, туку против стравот во нас самите. Претставата нè води таму каде што започнува секое насилство, во човечката свест, во нејзината сенка – се посочува во режисерската експликација за претставата.

Сите претстави започнуваат во 20:00 часот.

ИЗДВОЕНИ