Четири пациенти со тешки повреди примени на клиниките во Скопје по вооружената пресметка во Тетово

67

Четири пациенти со тешки телесни повреди беа примени денеска на хируршките клиники во Скопје по вооружена пресметка на улиците во Тетово.

Како што соопшти Министерството за здравство на КАРИЛ е примен 32-годишен пациент со тешка телесна повреда, прострелна рана во предел на градниот кош. На Детска хирургија е примено 12-годишно дете со прострелна рана во предел на десна натколеница. На Торакална хирургија е примен 37-годишен пациент со прострелна рана во предел на граден кош. На Трауматологија е примен 60 годишен пациент со скршеница на десна потколеница.

Сите пациенти, нагласува Министерството за здравство, се згрижени и им се укажува соодветна медицинска помош.

Претходно денеска, околу пладне едно лице убиено, а повеќе беа ранети во вооружена престрелка која се случила во Тетово. Од МВР соопштија дека во 12:30 часот на крстосница од улица „Илинденска” со улица „Благоја Тоска” во Тетово се случила вооружена пресметка помеѓу лица од две возила, при што се случила и сообраќајна незгода по што двете возила го напуштиле местото, од кои едното се упатило кон улица „113“,  а додека другото во непознат правец.

-Од добиени сознанија од граѓани и очевидци на местото на настанот, добиена е информација дека возилото кое што се упатило кон ул. „113″ дека се работи за патничко возило „форд фиеста” со тетовски регистарски таблички. Од извршената проверка било констатирано дека се работи за одјавени регистарски таблички од истото возило, сопственост на лицето Е.М.(19) од селото Гајре, тетовско. При преземање мерки, на крстосницата од улица „Благоја Тоска” со улица „107″ било пронајдено патничко возило „фолксваген голф” со тетовски регистарски таблички, сопственост на Ф.Р.(46) од Тетово, додека  во возилото пронајдено е едно починато лице со прострелни рани од огнено оружје. За настанот е формиран тим со кој раководи дежурен јавен обвинител при ОЈО-Тетово и увидна екипа од СВР Тетово, се наведува во полициското соопштение.

Според МВР, во Клиничка Болница – Тетово биле пренесени три лица со повреди од кои едно малолетно девојче од Тетово со повреди од огнено оружје која е задржана на опсервација, а другите две лица О.О.(34) и Р.Т. со прострелни рани, како итни случи се пренесени во Комплексот клиники “Мајка Тереза” во Скопје. Во престрелката од возилата повреден е и еден пешак А.С.(60) од Тетово, кој бил случаен минувач и бил пренесен во клиниките во Скопје.

Полицијата презема мерки за расветлување на мотивите и околностите околу вооружената пресметка која предизвика сериозни последици по животите и здравјето на лица во Тетово. 

ИЗДВОЕНИ