Четири од 10 смртни случаи од рак би можеле да се спречат, покажа глобална студија

19

Бројот на нови случаи на рак во светот нагло ќе се зголеми до средината на овој век, покажува нов извештај објавен во списанието „Лансет“ (The Lancet).

Според анализата, бројот на случаи ќе порасне од 18,5 милиони во 2023 на 30,5 милиони до 2050 година. Главната причина е стареењето на населението, бидејќи постарите лица се поранливи на малигни заболувања. Сепак, ако се користи стандардизирана возрасна структура, релативната инциденца на рак би се намалила за 5,7 отсто во периодот 2024–2050.

Истражувачкиот тим, предводен од Лиса Форс од Универзитетот во Вашингтон (САД), утврди дека речиси 42 отсто од 10,4 милиони смртни случаи од рак во 2023 година се поврзани со фактори што може да се променат.

Најголем ризик во повеќето земји е употребата на тутун, што е одговорна за 21,4 отсто од смртните случаи. Во сиромашните земји, пак, најголем ризик претставува незаштитениот секс, поради пренос на човечки папиломен вирус (ХПВ), кој предизвикува рак на грлото на матката.

Истражувањето е изработено во рамки на проектот „Глобално бреме од болести“, кој анализирал податоци од 1990 до 2023 година и направил прогнози до 2050.

ИЗДВОЕНИ