Директорката на Лувр, Лоренс де Кар, поднесе оставка, која беше прифатена од претседателот Емануел Макрон, четири месеци по спектакуларниот грабеж во најпосетуваниот музеј во светот, соопшти денес „Елисејската палата“.
Макрон ја поздрави нејзината одлука како „чин на одговорност во време кога најголемиот музеј во светот треба да ги смири тензиите и да даде нов силен импулс за спроведување на големи проекти за безбедност и модернизација“, пренесе „Хина“.
„Грабежот на векот“, како што го нарекоа медиумите, стана познат низ целиот свет на 19 октомври, откако криминалци беа снимени како крадат кралски накит за само неколку минути користејќи обичен товарен лифт.
Но, проблемите не завршија тука: покрај тоа што беше жртва на спектакуларна кражба вредна 88 милиони евра, најпосетуваниот музеј во светот објави на 12 февруари дека бил цел на огромна измама со билети, која предизвикала штета од над 10 милиони евра.
Денот потоа, протекување на вода го оштети и насликаниот таван од 19 век, принудувајќи ја институцијата привремено да затвори некои сали.












