Четири камчиња се највредните подароци што ги добил Тито – вредат половина милион долари

178

Четирите камчиња, всушност, потекнуваат од Месечината, а ги донеле астронаутите Нил Армстронг и Баз Олдрин од мисијата „Аполо 11“ во 1969 година. Кај Тито завршиле следната година, како подарок од поранешниот американски претседател, Ричард Никсон. Еден подарок за кој сведочи писмо пронајдено во архивот на Музејот се одвојува од сите други – и по дарителот и по намената. Тоа биле два желада, кои во 1969 година ги испратиле Џон Ленон и Јоко Оно. Во писмото напишале дека сакаат Тито да ги насади во својата градина за од нив да пораснат два даба за светскиот мир

 

 

Познато е дека доживотниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито, имаше голем углед во светот. Во текот на своето речиси петдецениско претседателствување, посети многу земји и дочека многу светски претседатели. Притоа доби голем број подароци, од кои поголемиот дел денеска се дел од вредна колекција што се чува во Музејот на Југославија во Белград.

Во таа колекција има сè и сешто – од егзотични уметнички дела до скапоцени рачно изработени предмети. Но, на посетителите на Музејот, кои имаат можност да ѕирнат во колекцијата подароци на Тито, особено внимание им привлекуваат неколку навидум обични камчиња. Но, тие се далеку од обични. Четирите камчиња, всушност, потекнуваат од Месечината, а ги донеле астронаутите Нил Армстронг и Баз Олдрин од мисијата „Аполо 11“ во 1969 година. Кај Тито завршиле како подарок од поранешниот американски претседател, Ричард Никсон.

Историчарката Невена Ковачевиќ, преку социјалните мрежи, го споделува овој интересен факт.

– Четирите камчиња кои Нил Армстронг и Баз Олдрин ги донесоа од Месечината, а кои Ричард Никсон му ги испрати на Јосип Броз Тито во 1970 година, вредат неверојатни 500.000 долари, според процената на НАСА. Камчињата што им беа испратени на луѓето од Југославија, се во Музејот на Југославија – наведува таа.

Ковачевиќ споделува и други интересни податоци за овој уникатен подарок што му бил испратен на Тито.

– Пред да стигнат камчињата, Југославија беше посетена од астронаутите што беа на Месечината, што беше голема чест. Тројцата астронаути го добија Орденот на југословенската ѕвезда со лента од Тито, а потоа се возеа во отворен автомобил низ центарот на Белград. По тој повод, имаше голема прослава во Белград и многу луѓе излегоа на улиците за да го следат овој настан. Следната година, Никсон ги испрати камчињата во Југославија. Покрај камчињата со огромна вредност, астронаутите го донесоа и знамето на ФНРЈ, кое патуваше со нив на Месечината и го вратија назад. Фактот дека Никсон им подари на луѓето од Југославија камчиња од Месечината, а тројцата астронаути ја посетија Југославија, единствената комунистичка земја на нивната маршрута, зборува за единствената позиција што ја имаше Југославија во текот на Студената војна – вели рече Невена Ковачевиќ.

Но, има и други вредни подароци, кои не може се чуваат во колекцијата во Музејот на Југославија. Таков е, на пример, имотот од четири хектари во Маракеш. Во Музејот, пак, нема само подароци од Никсон туку и од други важни државници од втората половина на минатиот век, како Линдон Џонсон, Леонид Брежњев, Хо Ши Мин, Урхо Кеконен, Франц Јонас…

Сепак, еден подарок за кој сведочи писмо пронајдено во архивот на Музејот се одвојува од сите други – и по дарителот и по намената. Тоа биле два желада, кои во 1969 година ги испратиле Џон Ленон и Јоко Оно. Во писмото напишале дека сакаат Тито да ги насади во својата градина за од нив да пораснат два даба за светскиот мир.

Најмногу подароци Тито добил од камбоџанскиот принц Нородом Сиханук, а тоа е и логично, зашто најчесто со него се среќавал. Од него добил фрагмент од храм од Ангкор Том, поранешната престолнина на кмерското кралство, кој пред да му биде подарен, се чувал во музеј. Исто така, добил и сребрен послужавник за чај украсен со слики од легендарното суштество Гаруда, кое според хиндуистичката митологија е носител на богот Вишну, како и модел на царска кочија, двоколка изработена од метал и од дрво.

Подароците што се чуваат во Музејот најдобро зборуваат за богатата политичка активност на Јосип Броз Тито, како и за почитта што ја уживал. Во текот на своето долго владеење, тој се сретнал со околу 350 претседатели на држави и влади, остварил 169 државни посети и престојувал во 73 земји во светот.

ИЗДВОЕНИ